X
 29.03.2016 Технологија

Хакер од Балканот ја крена на нозе европската полиција

Во градот Живинице во Босна и Херцеговина неодамна биле уапсени лица поврзани со сајбер-криминал. Едното лице веројатно се наоѓало на врвот на пирамида од разгранети хакерски мрежи, поради што во земјата пристигнале и германски инспектори.


Оружје, дрога, амфетамини, клучеви за сателитски канали, интернет вируси... Сето ова може да се купи во таканаречениот „мрачен интернет“. Во овој скриен дел од интернетот работат криминалците, но и борците за човекови права кои својот идентитет го кријат од диктаторските режими.

На чело на еден од таквите илегални портали кој бил користен од хакери, но и криминалци од целиот свет, бил Асмир М. од Живинице, пренесува „Дојче Веле“.

Тој бил толку сигурен дека никој не може да го открие што порталот го именувал според себе, а како код за контактите со останатите хакери го користел бројот за повикување за Босна и Херцеговина. Сепак, на крајот на февруари, на неговата врата чукнале инспектори од Федералната управа на полицијата во Босна и Херцеговина, заедно со колегите од Германската сојузна полиција.

Германците ги сакале податоците од компјутерот на Асмир, велат од Франкфурт, кадешто бил отворен случај. Приведен бил и пријател на Асмир, но бил пуштен. Се потврдува дека биле испрашани вкупно 69 луѓе од повеќе земји поврзани со порталот на Асмир, а биле уапсени деветмина и биле запленети пари и дрога. Сите уапсени се занимавале со криминал поврзан со продажба на кокаин, хероин, амфетамин, лажни пари, лажни пасоши, упатства за хакерски напади итн.

Се претпоставува дека услугите на Асмир ги користеле околу 7.000 корисници. Босанската полиција потврдила дека Асмир имал разгранета мрежа на „претплатници“ ширум светот. Официјалниот јазик на неговиот портал бил германскиот.

Босна и Херцеговина на „европско ниво“ по број на хакерски напади

Случајот на Асмир не е единствен случај на таканаречениот сајбер-криминал кој го привлекол вниманието на јавноста во Босна и Херцеговина, но и во Европа. Така, на крајот на декември во 2015 година било уапсено едно лице за кое се верува дека е одговорно за повеќе ДДос-напади со кои се блокира некој портал и се бара откуп за ослободување.

- Босна и Херцеговина не е ниту помалку ниту повеќе загрозена со интернет-криминал од другите делови од светот, ниту таа појава е почеста отколку на западот од Европа. Секако денес имате ситуација администраторот на некоја страница да се наоѓа во Европа, серверот можеби во Азија, а корисниците се од целиот свет - изјавува Марина Зовиќ од полицијата.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија