X
 06.04.2016 Образование

Доколку аплицирате за работа, внимавајте на овие работи!

Личните податоци се всушност од голема економска вредност. Собирањето, анализирањето или преносот на личните податоци до други ентитети стана всушност голем бизнис, така што може и ти да си дел од тоа. Затоа е особено важно да знаеш каде и кому ги даваш на користење твоите лични податоци, особено, ако станува збор за пополнување на апликација за работа.



Барањето работа секогаш вклучува откривање на личните податоци кон различни ентитети кои ќе ја добијат Вашата апликација за работа. Во текот на овој процес на аплицирање треба да се откријат, односно дадат на користење и обработка само оние лични податоци кои ќе бидат суштински и адекватни за целите за кои се врши обработката, односно за аплицирање за вработување. Тоа значи дека поголем сет или обем на лични податоци не смеат да се бараат од страна на Работодавците, а доколку се дадени од страна на субјектот на личните податоци, тогаш е одговорен и свесен за последиците по можна злоупотреба на истите.

Сосема е неприфатливо потенцијалниот работодавец да бара премногу податоци или податоци кои се нерелевантни за донесување одлука кој апликант да биде одбран.  

Сте се запрашале ли дали навистина му се потребни и неопходни на потенцијалниот работодавец сите тие лични податоци кои ги ставил во формуларот/апликацијата за конкурирање за слободно работно место?!

Вообичаено, истите содржат празни места кои треба да ги пополните со:
-    Име и презиме
-    Адреса
-    Датум на раѓање
-    Податоци за контакт (мејл и/или телефон)
-    Причини зошто се пријавувате
-    Претходни искуства, итн.

Доколку на сето тоа ја додадете и кратката биографија со сите Ваши лични податоци до основно школо и назад, тогаш навистина треба да имате на ум дека онаму каде што аплицирате за работа ги имаат Вашите лични податоци и може да ги користат, вршат обработка, доколку Вие како субјект/носител на личните податоци не го искористите своето право да ги повлечете назад, односно специфично да наведете дека не сакате да се врши понатамошна обработка на Вашите лични податоци.

Датумот на раѓање, во апликација за вработување понекогаш може да се смета како преобемен сет на податоци, доколку тоа не е поврзано со посебните услови пропишани од страна на работодавецот. На пример: во огласот за работа конкретно е наведено дека „Само лица кои навршуваат 25 години до 01 април 2016 година ќе бидат земени предвид“, тогаш е сосема во ред да се бара датумот на раѓање уште во апликацијата за работа.

Но, инаку не би бил потребен целосниот датум, (доколку работодавецот не се бави со изработка на натални карти, нели?!) туку би била доволна и само годината на раѓање.

Јас и не знам зошто воопшто се вика кратка биографија кога сите ние впишуваме скоро речиси сè внатре, сè со цел да ја добиеме работата. Вообичаено, CV-то ги содржи следните лични податоци:

-    Име презиме
-    Датум на раѓање (види коментар погоре)
-    Контакт податоци
-    Информација за образование
-    Податоци за вештини, обуки, сертификати,
-    Претходно работно искуство

Генерално, она што треба да стои во кратката биографија останува Ваш избор. Препорачливо е да не се вклучуваат непотребни податоци кои не се соодветни за процедурата за вработување (на пример: брачна состојба, ЕМБГ, хоби и посебни интереси, информации за (не)планирање на семејство, дали имате/немате деца, сексуална ориентација, религиозна припадност и верувања, итн.) Ова се лични податоци за кои Работодавецот нема правен основ да Ви ги бара за да ги впишете ниту во биографијата, ниту во Апликацијата за вработување.

Доколку вашиот потенцијален работодавец бара од вас да пополните апликација за работа, тогаш секогаш ќе мора да ве информира однапред дали одговорите на прашањата содржани во апликацијата се задолжителни или не (на пример да ги обележи со ѕвездичка). Доколку се задолжителни, треба да го наведе и правниот основ за истото.
Од друга страна пак, вие може и да не се согласите да ги пополните тие полиња, доколку сметате дека се работи за преобемен сет на лични податоци и нема правен основ за барањата.

Следниот пат ќе зборуваме за тоа дали треба да аплицираме на огласи на интернет каде што нема податоци за работодавецот, т.е. контролорот; во кои ситуации може да дадеме согласност како барател на работа за понатамошна обработка на личните податоци од страна на потенцијалниот Работодавец, итн.

Пишува: м-р Лилјана Пецова –Илиеска, советник и лице за односи со јавност во Дирекцијата за заштита на личните податоци
Доколку имате прашања, контактирајте нè на liljana.pecova@privacy.mk  или на info@privacy.mk



Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование