“Примена на информатичката технологија во авотмобилската индустрија” е името на ЕРАЗМУС + проектот преку кој ученици од Приватното средно училиште САБА беа на пракса во Германија. Од 17-ти до 31-ви Јануари 10 ученици од училиштето САБА од Скопје, Битола и Штип беа на двонеделна пракса во автомобилски компании во Лајпциг, Германија. Таму имаа можност да се запознаат со германската автомобилска индустрија и да видат како се применува информатиката во овој сектор.
Учениците ја посетија и фабриката БМВ која се наоѓа во градот Лајпциг. Покрај Лајпциг, учениците ги посетија и Дрезден и Берлин и се запознаа со нивните знаменитости.
“Приватното училиште САБА е средно стручно училиште со четири насоки: Бизнис, Администрација, Информатика и Туризам. Во САБА покрај редовната настава, учениците имаат и пракса во реални компании каде што имаат можност да видат како практично се работи она за што тие и учат. Во текот на учебната година секој ученик, неколку пати во годината, оди на пракса во соодветна компанија според насоката која ја учи (маркетинг агенции, осигурителни компании, нотари, адвокати, дизајн студија итн).
Оваа година, преку проектот “Примена на информатичката технологија во авотмобилската индустрија” ученици од САБА имаа можност да одат на пракса и надвор од Македонија, односно во Германски компании. Учениците имаа целосна стипендија која ги покриваше сите трошоци за време на нивниот двонеделен престој во Германија. Ваквите проекти им овозможуваат на учениците да стекнат европско искуство во некоја од државите од Европската унија кое ќе им биде од огромно значење во нивното идно образование и кариера,” вели Ангела Неновска-Крстевска, координатор во училиштето САБА.
“Најголем впечаток во Германија ми остави културата, прецизноста, точноста и дисциплината на жителите во градот Лајпциг,” вели Филип Тодоров ученик во САБА Скопје, еден од учесниците во овој проект. “За време на тие две недели во Германија научив некои основни работи поврзани со автомобилите и информатиката, односно автомобилската дијагностика.”
Каролина Трајковска, ученичка во САБА Штип, беше една од девојките учеснички. Таа вели дека најголем впечаток и оставила убавината и чистотата на градот како и различниот начин на живеење. “Ме импресионираше временската точност и културата на жителите, како и пријатната работна атмосфера за време на праксата. Таму стекнав едно прекрасно искуство кое не би можела да го стекнам во Македонија.”
“Она што ќе ми остане во сеќавање од престојот во Германија е точноста и културата на луѓето, како и начинот на кој таму луѓето не се ценат по нивиот надворешен изглед туку по карактерот. За време на праксата научив многу нови работи како од областа на информатичката технологија, како и од областа на автомобилската индустрија кои секако многу би ми користеле во иднина,” вели Ристе Ристов, ученик во САБА Штип.
Мишо Ангеловски е уште еден од учесниците во проектот и ученик во САБА Скопје. Тој е воодушевен од технологијата што се користи во автомобилската индустрија во Германија. “Праксата во компаниите ми помогна да научам многу нови работи од областа на информатиката, електрониката и механиката. Тие две недели во Германија беа едно незаборавно искуство за сите нас.”
Повеќе информации за проектот и за САБА на
www.saba.edu.mk