X
 09.05.2016 Култура

УНЕСКО тура низ Источниот регион на Македонија

Екскурзијата е закажана за 15 мај, а ќе трае десетина часа. Чини 650 денари, а во цената на турата е вклучена посета на тврдината Исарот и музејот во Штип, црквата „Св. Никола“ со галеријата на фрески и икони и на археолошкиот локалитет Баргала. Организаторите ветуваат многу дружење, забава и шанса да се научи нешто ново за својата и за другите култури и обичаи со кои сме секојдневно опкружени


 Едноденвна екскурзија посветена на културното наследство и посета на повеќе археолошки локалитети, галерии и музејски поставки во Источниот регион на Македонија организира УНЕСКО Клубот „Хаемус“ по повод 18. Мај, Меѓународниот ден на музеите. Екскурзијата е закажана за 15 мај, а ќе трае десетина часа. Чини 650 денари, а во цената на турата е вклучена посета на тврдината Исарот и музејот во Штип, црквата „Св. Никола“ со галеријата на фрески и икони и на археолошкиот локалитет Баргала. Водич на турата е Василка Димитровска, магистер по археологија и професионален туристички водич, воедно и претседател на Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ кој ја организира еднодневната авантура заедно со туристичката агенција „Арбо Травел“ и Музејот на Штип. Тие ветуваат многу дружење, забава и шанса да се научи нешто ново за својата и за другите култури и обичаи со кои сме секојдневно опкружени.


Факултети.мк: Колку години по ред УНЕСКО Клубот „Хаемус“ организира тури за 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите?

- УНЕСКО Клубот „Хаемус“ е формиран кон крајот на 2012 година, веднаш по формирањето на Хаемус и веќе трета година организираме тури за 18. Мај, Меѓународниот ден на музеите. Првата година турата беше насловена „По трагите од тајните на кратовските утмани“, лани тоа беше „Тура низ Отоманското наследство на Скопје“, а годинава носи наслов „УНЕСКО Тура низ Источниот плански регион“. Турите ги правиме во соработка со еден музеј во Република Македонија за да го популаризираме локалното културно наследство, но и со поддршка од туристичкиот сектор. УНЕСКО Клубот „Хаемус“ има и други активности. Од нив особено во јавноста се популарни предавањата од академски граѓани кои клубот ги организира под мотото на УНЕСКО за „Отворени образовни ресурси“ (ООР). Овие предавања кои концептуално се поклопуваат со целите на УНЕСКО за ООР доста често добиваат логистичка поддршка и од Алијанса за ООР во Република Македонија (www.oer.mk). На овој начин неформално работиме на подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на ООР во Република Македонија. Впрочем во мототo на ХАЕМУС е хедлајнот за отворен и бесплатен пристап на знаењето на интернет, па овој тип на настани се интерактивни, аудио-визуелно се снимаат и потоа се подигнуваат на интернет за да послужат како едукативен материјал, а во исто време да бидат достапни за секој заинтересиран.



 Факултети.мк: Како избирате што ќе посетите?


- Изборот за турите кои ги организира УНЕСКО Клубот „Хаемус“ најмногу потекнува од тематиката којашто секоја година навремено ја објавува Меѓународниот совет на музеите (http://icom.museum). Целта е да ја поттикне, популаризира и да ја афирмира музејската дејност во сите држави во светот. Откако ќе биде објавена темата, се консултираме со колегите од музеите дали некоја од институциите сака и може да одговори на задачата и дури потоа сите заедно со туристичкиот сектор се обидуваме да искреираме тура која ќе одговара на овие репери. Годинашната тематика го носи насловот „Културен пејсаж“ и уште веднаш знаевме каде ќе биде насочено нашето внимание. Членовите на ХАЕМУС беа дел од тимот кој скоро две години ја работеше стратегијата за туризам на Источниот плански регион (2016-2015) и на тој начин имавме можност да се запознаеме подробно со предностите кои ги нуди овој дел од Македонија. За разлика од претходно, годинава имаме можност за прв пат во една УНЕСКО тура да го вклучиме и нематеријално културно наследство на човештвото заштитено од страната на УНЕСКО, а тоа е ритуалот „Четрсе“. Источниот плански регион веќе има две културни добра (обичајот „Четрсе“ и орото „Копачка“) ставени на листата на УНЕСКО, а уште еден обичај кој особено се практикува во Пијанечко, мартинките, се се’ уште во процедура да се заштитат како светско наследство со мултинационална апликација која Македонија заедно со Романија, Бугарија и Молдавија ја поднесе исто така во УНЕСКО. Горди сме што во оваа апликација и „Хаемус“ како организација има голем придонес со своите активности.



 Факултети.мк: Колкав е интересот на граѓаните за овие тури и на кои се најзаинтересирано за ваков вид едукативни екскурзии?


- Досегашното искуство покажало (од она кое го говорат, пишуваат и споделуваат на социјалните мрежи), голем дел од македонските граѓани се свесни за културното наследство кое го поседува нашата држава. Но, во отсуство на поголем избор и понуда од страна на туристичкиот секор, честопати се организираат и патуваат сами за да посетат некои одредени и за нив интересни локации. Сме имале и деца, но и луѓе со посебни потреби, па оттука не постои некоја строга граница, ниту пак просек за возраста на посетителите на турите кои ги организира УНЕСКО Клубот „Хаемус“. Луѓето кои се пријавуваат на нашите тури се со различна возраст и предзнаења, но делат иста страст да дознаат што повеќе за нашето различно културно наследство. Од таа причина секојпат се трудиме нашите екскурзии покрај туристичка, да имаат и едукативна димензија. Со текот на годините сме создале навистина едно јадро од луѓе кои не следат ревносно во нашите активности и јавно не поддржуваат што ни дава поттик за некои идни проекти и/или тури.



 Факултети.мк: Сметате ли дека и туристичките агенции преку својата работа и понуда можат да влијаат на зголемувањето на свеста на граѓаните за сопствената историја и материјалната култура?


- Од особена важност е граѓанските организации насочени кон промоција на културата и културното наследство да соработуваат со туристичкиот сектор заради подигнување на јавната свест кај домашната публика. Туристичките агенции, покрај едукативните институции и медиумите се единствените кои можат директно да влијаат во формирањето на мислењето кај луѓето во однос на сопственото културно наследство. При тоа треба да се биде мошне внимателен при изборот на темата, изборот на адекватен туристички водич, начинот на кој се визуелизира и се води кампањата во соработка со медиумите, бидејќи културното наследство на една држва е многу чувствителна работа. Од сите агенции со кои сме соработувале до сега во текот на годините, некако најмногу се издвои туристичката агенција „Арботравел“, која навистина вложува многу во промоција на домашниот туризам кај домашната публика. Нашиот модел за соработка ни овозможува „Арботравел“ да ни пружаат максимална логистика и се радуваме на можноста заедно да организираме едукативни тури со што на некој начин ќе ја подигнеме свесноста за сопственото културно наследство, но и за културите и обичаите со кои сме катадневно опкружени. Би рекла дека туристичките агенции се отворени за соработка, но инвентивноста и креативноста мора да биде взаемна и кај оној кој го дава предлогот, но и кај оној кој ја реализира идејата, со цел за подобра промоција на нашите културни богатства.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура