ИГОР СТОЈАНОВ, УРЕДНИК НА СТУДЕНТСКОТО РАДИО УГД ФМ
Битката за опстојување како медиум, благодарение на развојот на Интернетот, секојдневно ја
бие и студенсткото радио од Универзитетот „Гоце Делчев„ од Штип. Во време кога
студентите слушаат се, а достапни им се квалитетни светски содржини, малата екипа се
труди да понуди квалитет, но и да е во тек со модерните текови. Ова меѓудругото, го вели
главниот и одговорен уредник на УГД ФМ, Игор Стојанов.
Радиото постои од 2009 година и покрај информирање на студентите и јавноста за сите
активности на Универзитот, истото служи и како своевиден мост меѓу студентската и
академската јавност. Чести гости во дебатните и контактните емисии се професори, декани,
но и лекари и музичари.
Каков е концептот на програмата, какви емисии се емитуваат и колку тие се
надополнуваат со образованието кое студентите го стекнуваат на Универзитетот?
- Голем дел од содржините на радио ги креираат студентите, а четворица се одговорни за
програмата и им помагаат во реализација на содржините и во техничкиот дел. Се обидуваме
да застапуваме концепт кој е алтернативен од комерцијалните радио станици. Со оглед на тоа
што не сме комерцијална радио станица, не зависиме од реклами и немаме обврска да
емитуваме комерцијални содржини. Сакаме на младите, кои се наша целна група, да им
понудиме содржини кои имаат алтернативен карактер, па дури и содржини кои
комерцијалните радио станици во голем број случаи не ги третираат. Во текот на овие
неколку години постоење сме имале содржини како радио драма, радио дебати, едукативни
емисии и концерти во живо. Дел од ваквите емисии се уште се застапени. Долги години
имавме еднаш неделно гостување на еминентни лекари, а сега често имаме гостувања на
професори од Универзитетот како и странски професори кои доаѓаат на УГД како дел од
програмите за размена на академски кадар.
Дали студентите денеска слушаат студентски радија, каков е вашиот впечаток?
- Денеска студентите слушаат се. Многу е понижувачки да кажете дека студентите се
виновни ако не го слушаат вашето радио. Студентите и младите сакаат квалитет и
благодарение на достапноста до многу квалитетни светски содржини можат да го препознаат
квалитетот. Важно е да се наметнете како фактор кој нив ќе им значи и кој тие ќе го
препознаваат. Тоа е тешко. Конкуренцијата е глобална и таа битка станува се по сурова. Со
развојот на интернет, радиото доживува своевидна ренесанса. Ние навистина се трудиме да
го фатиме тој бран затоа што сме свесни за ризикот доколку не успееме да се вклопиме во
модерните текови. Не остануваат многу слушатели од нашата целна група кои се на
фреквенција, знаеме дека тие се на интернет. Ние сме застапени на сите социјални мрежи,
зрачиме преку интернет и во следниот период на тоа дополнително ќе работиме. Од
анализите кои ги прави секоја година Агенцијата за медиуми ние сме задоволни од тоа каде
котираме со оглед на тоа дека сме локално радио.
Факт е дека Интернетот стана главен медиум, какви се вашите прогнози за радиото
како медиум?
- Како што споменав, интернетот е добредојден за радиото. Многу медиумски експерти се
согласни, особено во САД, дека радиото доживува ренесанса, но не радио какво што ние го
знаеме. Радио подкастот како форма , односно „radio on demand” е форма која е исклучително
популарна во развиените земји. Но, со развојот на интернетот се наметна уште еден
предизвик, а тоа е дека секој може да направи радио, да направи подкаст и да ви биде
конкуренција. Глобализацијата направи да ви бидат конкурентни светски радио станици ако
имаме предвид дека голем дел од луѓето слушаат радио за музика. Моментот на „локалност“
на радио станиците може да биде успех во глобалниот интернет. Мојата прогноза за радиото
во Македонија е дека интернет радиото допрва доаѓа, особено со развојот на квалитетен 3G и
4G интернет на мобилните уреди.
Ви се обраќаат ли студентите за помош околу нивните проблеми, колку се храбри да
прозборат за маките со кои секојдневно се соочуваат?
- На нашето радио три години по ред имаше дебати каде студентите ги соочуваа аргументите
заедно со своите професори, со декани, со асистенти, со претставници на власта со
претставници на невладините организации, со верските заедници и слично. Тие дебати можат
да се најдат и во видео форма на нашиот канал на Youtube и како аудио подкаст на Mixcloud.
Сметам дека ова беше одлична можност за практицирање на директно соочување на
аргументите и мој личен впечаток е дека се повеќе од храбри, само треба да им се овозможи
простор и услови. Мој впечаток е дека студентите со кои ние соработуваме се брилијантни.
Моментално правиме пауза од радио дебатите, но тоа е затоа што работиме на еден голем
проект во кој 20 млади луѓе добиваат обука и можност за новинарско изразување. Тие веќе
пишуваат интересни приказни од локален карактер, кои покрај тоа што се емитуваат на
радио, се поставуваат и на специјализирана веб страница. Тој проект го работиме заедно со
младински медиуми од Босна и Херцеговина и Србија, а носител е Фондацијата за дебата и
едукација ИДЕА од Скопје.
Со оглед на тоа што имате контактни емисии, ќе споделите ли некоја интересна
случка?
- Генерално имаме културна публика. Често знаеме да им доделуваме подароци на нашите
слушатели во форма на книги, влезници за концерти, претстави и кино, па тогаш имаме
најмногу заинтересирани.
Радиото е финансирано од Универзитетот, па со тоа и се наметнува прашањето колку
имате слобода во креирањето на програмите, а и студентите во изразувањето на своите
идеи и ставови?
- Одговорно тврдам дека до сега никој никаков притисок нема извршено за било која
содржина на Универзитетското радио. Можам да кажам дека според моја проценка дека ова е
еден од најслободните медиуми за што секако е задолжен и академскиот дух кој владее во
високообразовните институции. До мене како уредник до сега нема стигнато никакво барање
или пак забелешка за содржините кои ги емитуваме. Затоа сметам дека ова е добра средна за
студентите кои доаѓаат овде и дека овој концепт на слободен медиум ќе го пресликаат во
редакциите во кои во иднина ќе работат.