X
 11.05.2016 Култура

Рецензија на книгата "Не кажувај никому" - Харлан Кобен

1

 

Приказната во книгата се отвора со среќната брачна двојка Д-р Дејвид и Елизабет Бек, додека го посетуваат едно скриено езеро кое е дел од нивниот ритуал во прославувањето на годишнината од нивниот прв бакнеж. Меѓутоа, нивниот живот е уништен кога Елизабет е одведена со автомобил, а Бек брутално нападнат и оставен да умре.


Приказната продолжува 8 години подоцна - Дејвид го продолжува својот живот без Елизбает, а нејзиниот убиец, кој всушност е сериски убиец, го очекува смртна казна поради низа на слични напади врз неколку жени. Дознаваме дека Бек работи за добротворна организација. Се чини дека Бек одлично се снаоѓа и покрај тоа што неговата сопруга ја нема, меѓутоа од внатре, тој е сенка на некогашниот Дејвид; во себе чувствува длабока празнина што ништо не може да ја пополни.

Но, еден навидум едноставен и непознат меил пристигнува во електронското сандаче на Дејвид, а насловот е: „Не кажувај никому“. Природно претпазлив, но доста љубопитен, Дејвид кликнува на веб линкот во меилот, со што следува шокантно откритие. Неговата сакана Елизабет е жива, секако во малку постаро издание. Дали Дејвид може да си дозволи трошка надеж дека сето ова можеби е вистина? Или пак станува збор за една глупава шега? Доколку е шега, кој би помислил дека отворањето на неговите стари рани би можело да биде смешно?

Но, Дејвид полека започнува да станува дел од длабочините на една опасна мистерија која го тера повеќе никому да не верува. На тој начин тој станува ловец и плен.

Она што е добро во овој роман е драмата уште од самата прва страна, со убиството и со сцената која на некој начин не` подготвува за она што следува. Ликот на Дејвид е неверојатно симпатичен, како и неговата најдобра пријателка Шауна заедно со неговата сестра Линда. Пишувањето на Харлан овозможува лесно да ги си замислите ликовите, како и целата приказна околу нив.

Темпото кое се наметнува во самиот роман е совршено. Токму тоа ве тера да не ја оставите книгата се` додека не дојдете до нејзината последна страна. Не постојат непотребни детали - се` е на свое место и онаму кадешто треба да биде. Иако книгата е пишувана од машка перспектива, сепак постојат силни женски ликови кои се доста важни во текот на целата приказна.

На кратко кажано, романот е одличен за читање - а крајот ќе биде сосема неочекуван!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура