- Ниту Охрид без „Охридско лето“ ниту „Охридско лето“ без Охрид. Магијата е заемна како што е магичен и целиот регион. Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја зачуваме – не поради УНЕСКО, туку поради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест – порача министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на 61. издание на интернационалниот фестивал „Охридско лето“.
Годинешното отворање на фестивалот беше во знакот на Чајковски. На сцената на Античкиот театар уметниците од Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска, го изведоа спектакуларниот проект „Големиот Чајковски“ – балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и од операта „Евгениј Онегин“.
фото: Министерство за култура
Шеесет и првото издание на фестивалот за отворено го прогласи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој, како покровител на манифестацијата, посочи дека на светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и со добрината што облагородува, може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото.
- Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, и со тоа, сведоци дека надежта за човештвото опстојува. Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста на Република Северна Македонија, го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето“, со 90 македонски уметници, чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња - рече претседателот Пендаровски.
фото: Министерство за култура
Во текот на 40. фестивалски вечери на летните сцени: на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Света Софија“ и на Долни Сарај, ќе продефилираат околу 500 уметници од 18 земји, а ќе бидат реализирани 34 уметнички концерти од врвни имиња во музичката уметност и шест театарски претстави.
фото: Охридско лето