„Game of thrones“ влегува во својата 6-та сезона и храбро зачекори во непозната територија. Без книгите на Мартин како основа, сценаристите на серијата за прв пат се во ситуација никој од љубителите на „Песна за мраз и оган“ да не знаат што ќе се случи следно. Или можеби постои некој кој знае?
Во текот на досегашното емитување на 6-та сезона, шпанскиот „YouTube“ корисник „Frikidoctor“ објавил видео во кое предвидувал што ќе се случи во новите епизоди и досега се` излегло точно. Комбинирајќи едуцирано погодување, како и некои инсајдерски информации, „Frikidoctor“ откри клучни случувања од втората епизода од „Game of thrones“ пред таа да биде емитувана. Неговите шпекулации се покажаа за точни меѓутоа тој сето тоа скапо го плати.
Повикувајќи се на кршење на авторските права „HBO“ му го блокираше пристапот до видеата. За голем дел од луѓето овој потег се чинеше доста екстремен со оглед на тоа што на видеата тој го изнесува неговотo размислување. Корисникот ја оспори нивната блокада и неговите видеа се вратени, но со тоа се испраќа загрижувачка порака: „Дали тоа што јас го правев е илегално? Дали е забрането да се зборува за тоа што ќе се случи во некоја серија дури и ако сте во право? Дали тие можат да тврдат дека ги прекршив авторските права само со зборување на некоја тема?“ вели „Frikidoctor“.
Многу корисници ја критикуваа политиката на „YouTube“ за отстранување на видеа без да им се овозможи на оние кои ги објавуваат да го кажат својот став. „YouTube“ неодамна попушти пред молбите на заедницата и им овозможи на корисниците се`уште да заработуваат од видеата.
„Во секоја цивилизирана држава, секој е невин се` додека не се докаже спротивното. Но не и за „YouTube“, вели „Frikidoctor“.