Eдна од последните големи југословенски актерски ѕвезди, филмскиот, телевизискиот и театарскиот актер Велимир Бата Живојновиќ почина во неделата во белградската болница „Свети Сава“. Од своето деби во филмот „Песма са Кумбаре“ во 1955 година тој одиграл 211 филмски и 70 телевизиски улоги, ги освоил скоро сите југословенски и спрски награди за своите уметнички остварувања, и доби европски признанија.
Живојновиќ се смета за еден од основачите на црниот бран во југословенската кинематографија. Неговото семејство потекнува од Косово и Метохија. Роден е на 5 јуни 1933 година. Образованието го продолжил во Белград. На 15 годишна возраст, после искуството како статист и сценски работник во Академскиот театар, тој се одлучил глумата да биде неговиот животен повик. Прва и трета година од средното училиште ги завршил во Ниш, а втора и четврта во Нови Сад.
На драмска академија во Белград се запишал во 1954 година после третиот обид. Студирал во класата на познатиот теоретичар, драматург и режисер Јован Кулунџиќ, заедно со Бранимир Јанковиќ, Никола Симиќ, Ружица Сокиќ, Лилјана Марковиќ, Радмила Радовановиќ Андриќ и многу други. За дипломската претстава „Сомнително лице“ добил десетка.
Иако тврдел дека театарот повеќе го сака од филмот, во театарот одиграл само неколку сезони, и го напуштил поради филмот, а филмските статистики покажуваат дека по број на улоги го држи рекордот во целата историја на југословенската кинематографија. Глумел различни улоги - херои, негативци, љубовници, селани... Бил познат по тоа што не ги одбивал улогите и немал двојници. И самиот велел дека „не би заработил ни за леб ако ја користел својата убавина“.
Живојновиќ беше иницијатор, основач и првиот претседател на Здружениоет на филмски актери на Србија и директор на филмската програма Слободарска церемонија во Сопот. Кога во 2010 година го прославил 77-от роденден и 55 години уметничка работа, Сава центарот беше претесен за неговите пријатели, колеги, обожаватели.
Од бракот со Јулијана со која се оженил во 1960 година има две деца. Вниманието на јавноста го привлекуваше и со своето пријателство со големата југословенска ѕвезда Борис Дворник. Неговото здравје започнало да се влошува во 2006 година кога доживеал инфаркт, а потоа мозочен удар. Неговиот последен филм „Лед“ го снимил пред 5 години, а издавачката куќа „Вукотиќ медиа“ неодамна ја објави и неговата биографија „Бата-Још овај пут“ во која тој зборува за својот живот, улогите, режисерите, партнерите...
„Не знам во колку филмови и тв серии сум глумел. Не се ореви да ги собираме. За нашите услови имаше доста, дури и премногу... Големо задоволство ми е што направив се`. Задоволство ми е што за брзо време заборавам што се` сум направил, без да се занесувам поради успехот на одредена улога. Никогаш не сум се поистоветувал со ликовите кои ги глумев. После завршената работа, бегав од се' што имав направено. Не ги гледав ниту моите филмови, од кои некои не требаше ни да снимам. Мислам дека сум од оние луѓе кои ги исполниле сите свои желби и сите свои амбиции. Да се занимавав со друг вид на уметност, можеби би размислувал на друг начин. Вака, го посветив целиот мој живот на филмот. Знам кои се желбите на еден актер - секогаш нешто треба да се одигра“, изјавил во една прилика Бата.