А ќе заминат. На сè му доаѓа крајот. Или веќе дошол. А тие уште се тука. Над нас. Меѓу нас. Со нас. И што е најлошо: длабоко во нас...
Кога еднаш ќе заминат, а сигурно ќе заминат, дали ќе знаеме дека си отишле... И дали, ако воопшто нè има, ќе имаме моќ да го видиме и да го почувствуваме нивното заминување...
Или ќе заминат, а тоа никој нема да го знае. Никој. Затоа што, како што изгледа, сите ќе бидеме длабоко закопани во калта на сеедноста. Ќе заминат, како сите што заминале, а нам, ако воопшто нè има, ќе ни биде сеедно што ги нема...
Кога еднаш ќе заминат, на што ќе му дојде крајот? Дали тоа ќе биде крајот на нивната тиранија или тиранијата ќе продолжи во некаков друг, метастазиран облик, во некоја друга и долготрајна патологија... Кога тиранинот заминува, дали навистина отишол или само се поместил од своето фараонско лежиште и оставил безнадежна празнина што ќе ја пополни некој нов, подобар и посакан тиранин...
Подобриот, новиот, попосакуваниот тиранин ќе го продолжи делото на својот претходник кој ќе се повампири во својот наследник. Тоа ќе биде уште една, овој пат најподмолна и најотровна победа на оној што заминал. Може ли од нашето мало, загадено пристаниште да исплови бродот на нечесноста и арамилакот? Може ли тој огромен, црн брод да потоне во плиткото? Можат ли сите оние што се на тој и таков брод на ужасот да отпловат далеку и во неврат? Ако отпловат, кој ќе остане? И зошто би отпловиле кога ќе нема никого на брегот за да се израдува на заминувањето на нешто што морето ни го претворило во темен талог, а бреговите во ридови од очајни, малодушни и заборавени бродоломци...
Кога еднаш ќе заминат, ќе биде доцна за сите оние што цел живот срчно и јуначки се бореле за искасапените, силуваните, каменуваните, распнатите и исмеаните идеали за слобода, правда и еднаквост. Над заминувањето на тиранинот нема да се завиори знамето на победата, туку тажно и грдо знаме за капитулација пред сето она што ќе дојде по тиранинот...
...Кога еднаш ќе заминат, ќе остават пустелија. А што може да никне во пустелија? И дали воопшто ќе може од ништо да изникне зелена гранка на општонародно спасение? Дали од јаловина може да пропупи пупка на надеж и да се разлиста предвесник на достоинство и ослободување... Можеби и може. И во тоа „можеби“ е наследството и ужасот на тиранијата. Можеби некој и ќе преживее. Но сигурно тоа можеби ќе биде единствената шанса за нов почеток. Можеби тиранинот заминал, но сигурно е дека оставил семе во јаловината. Тоа семе сигурно ќе из'рти, а можеби ќе ги има и оние што сè уште ќе го разликуваат плевелот од житото. Можеби тоа „можеби“ е шансата која ќе потврди дека можеби уште ќе постојат луѓе кои не се откажале...
...Кога еднаш ќе заминат, а тоа еднаш и ќе се случи, кој ќе го објави нивното заминување и дали воопшто некому ќе му значи таа објава... Дали може веста за нечие заминување да му значи нешто на оној што ги изгубил сите сетила... И дали некој што не ги изгубил сите сетила и човечки чувства воопшто ќе го надживее нивното заминување кое, според законот на веројатноста, еднаш и ќе се случи...
Дали зад оние што секој момент, час, ден, година, децении го убиваа човекот во себе и во нас, ќе остане некој жив освен човекот што не го убија, а го посакуваа тоа. И дали преживеаниот човек ќе има со кого да ја сподели радоста поради нивното заминување. И дали на тој единствен преживеан ќе му биде повеќе жал за оние што ги нема отколку за оние што заминале и го оставиле сам со себе...
Борис Јовановиќ