X
 01.06.2016 Образование

Улогата на таткото во воспитувањето на децата

Некогаш важело правило, посебно во култура каква што е нашата, дека улогата на мајката во воспитувањето на детето е многу поважна од улогата на таткото. Мајката била таа која се грижи, ангажира и насочува децата, додека таткото е „надворешен играч“, односно некој кој се грижи за финансиската сигурност на семејството и децата.


Размислете. Дали се психолошки позадоволни и, во иднина, покомплетни децата за кои се ангажирани двајцата родители или само мајката? Колку е збунувачки за децата, во случај на недостапен татко, да имаат слика, а немаат тон? Нешто што во психолошка пракса се покажало како релевантно е дека важноста на таткото и мајката во воспитувањето е еднаква. Децата во семејствата каде двајцата родители се подготвени да се дадат себеси и да се посветат на воспитување на детето во иста или барем приближна мера, кога растат стануваат психолошки поцелосни, подобро ги разбираат врските, посигурни се во себе и своите способности и подобро се подготвени за животот.

Освен посветеноста, негата и водењето кои на секое дете му се потребни од двајцата родители, може да се рече дека по својата природа улогата на мајката е понежна и топла, а татковците создаваат чувство на сигурност, стабилност и спокој кај детето. Улогата на таткото е еднакво важна и за момчињата и за девојчињата. Начинот на кој таа улога се вреднува во растењето на детето во зависност од полот е различна.

На момчињата им е важен таткото како модел според кој го формираат своето однесување, вредностите во улогата на маж, татко и сопруг. Начинот на кој таткото создава блискост со својот син е најчесто преку игри за предизвикување. Исто така, она што е многу важно за блискоста меѓу таткото и синот е вклученоста во заедничките активности. Не е важно која активност е во прашање бидејќи детето врз основа на однесувањето на таткото во тие ситуации учи како изгледа улогата на мажот. Момчињата кои во текот на детството поминуваат многу време со таткото кога растат имаат поголема самодоверба и појасна слика на маж, татко и сопруг која ја следат.

Таткото и ќерката формираат близок однос на малку поинаков начин. Девојчињата на своите татковци им се „миленици“, па преку тој восхит кај нив се гради самопочит и чувство на себеприфаќање. Исто така, татковците најчесто се чувствуваат блиски со ќерките доколку им помогнат да решат некој проблем. На тој начин, девојчињата чувствуваат сигурност и блискост со таткото во исто време. Ќерките, гледајќи го односот на својот татко кон мајката формираат и слика на маж и партнер, што татковците секогаш би требало да го имаат на ум.

Блискоста на детето и таткото се постигнува постепено. Важно е да се знае дека на татковците им е многу потешко да се ангажираат и да станат блиски со децата доколку партнерките тоа не им го дозволуваат. Многу често, татковците многу спонтано и со поголема желба остваруваат контакт со своите деца кога партнерките не се тука. Зошто мислите дека тоа е така?

Во нашата култура татковците или не сакаат или не знаат како активно да се вклучат во воспитување и растење на децата. Улогата на жената во двата случаи е од големо значење. Доколку мажот не сака да учествува во воспитувањето на децата, разговарајте со него дали тој не го сака тоа или едноставно не знае како се прави бидејќи немал модел во своето семејство.

Многу е важно да знаете дека со дозволување на таткото да биде татко правите корисна работа за своето дете. Со тоа не само што добивате помош во воспитувањето, туку и го негувате и чувате својот брак. Колку повеќе го вклучувате сопругот во активната грижа за децата, колку повеќе го охрабрувате и не го критикувате, можете да очекувате дека и вашиот партнерски однос ќе биде поквалитетен.

Извор: blog.superskola.rs


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование