Со фокус на еднаквост, Естонија тивко се придружи на најдобро рангираните земји за образование во светот. Јужна Кореја, Сингапур, Јапонија и Финска се сметаат за најмоќни држави во поглед на образованието. Но, Естонија наскоро ќе стане, доколку веќе не е петтата најдобра земја во светот. Дури и Финците учат од Естонците како се работи во образованието.
Во 2012 година, естонските тинејџери беа на 11-то место во математика и мајчин јазик и на шесто во наука од 65 земји кои учествуваа во меѓународен тест наречен ПИСА. Естонија има само 1,3 милиони луѓе. Таа е независна веќе 25 години, а во земјата естонскиот е официјален јазик и јазик кој се користи во училиштата. Сепак, околу една петина од учениците доаѓаат од семејства кои дома зборуваат руски јазик.
Во Естонија има ученици од повеќе националности, но сите добиваат исти образовни искуства. Со промовирањето еднаквост на сите нивоа, Естонија успеала да ги подобри резултатите на тестовите и да создадат образовен систем основан на еднаквост.
„Успеавме да го задржиме образованието еднакво. Функционираше“, изјавил министерот за образование Јирген Лиги.
Марк Такер, претседател на Националниот центар за образование и економија во Вашингтон ја посетил Естонија изминатата година за да открие како работат. Тој вели дека она што го направила Естонија различно од другите земји по распаѓањето на Советскиот сојуз е задржувањето на еднаквите можности на учениците од сите позадини.
Има и други фактори кои придонесуваат кон успехот на Естонија. Образованието продолжува да биде многу вредно. Автономијата на наставникот е релативно висока, а наставниците остануваат со истите ученици повеќе години дозволувајќи да се развие длабока врска.
Образованието за малите деца е бесплатно и започнува на 18 месеци. Секој добива бесплатен ручек. Факултетот е бесплатен. Приватните училишта и факултети се мал дел од образовниот систем. Естонските училишта се економски интегрирани, па сиромашните и богатите ученици се во исти училници. Основното училиште трае девет години, а потоа учениците одбираат дали ќе одат во стручно училиште, кое трае три години, или во училиште за да продолжат со образованието. Речиси две третини се одлучува за втората опција. Изборот е донесен врз основа на интересот, не врз основа на тестови или оцени.
Сите ученици добиваат исти вештини до средното образование. Наставниците се поттикнати да експериментираат со нови идеи и методи за предавање.
Училниците се' уште се традиционални и се поттикнува учење факти наместо развивање корисни вештини. Меѓутоа, на големо се зборува за потребата да се смени нешто за да се создаваат ученици кои ќе имаат повеќе вештини и ќе станат претприемачи и креативни лидери.
Многу едукатори велат дека
естонската филозофија за образованието се менува и се' повеќе стана фокус на учениците како индивидуалци.