Ако учењето на плажа ви звучи како нешто што би се случило само на сон, грешите. По една година учење на далечина, едно училиште во шпанскиот регион Мурсија го направи токму тоа, обидувајќи се да искомбинира чист воздух и новиот начин на учење.
Надвор од училиштето „Феликс Родригез де ла Фуенте“, учениците носат маски, некои се боси на песокот, а материјалот го совладуваат со помош на подвижна табла на песочните брегови на „Плаја де лос Ниетос“.
- Безбедно е, а и учениците одлично се забавуваат. Она што го учат тука не го забораваат - вели наставникот по англиски јазик Хуан Франциско Мартинез.
Некои ученици вртат песок низ прстите додека свират ксилофон, додека други клечат над своите работни тетратки за да спречат ветрот да им ја дувне хартијата.
Овој начин на држење часови е дел од поширок проект познат како „Свеж воздух“, чија цел е да создаде подобар квалитет на воздухот за децата за време на пандемијата, вклучително и преку
учење на отворено.
Наставниците почнуваат со подготовка на плажата во 8 часот наутро. Осум одделенија учествуваат на 20-минутните предавања, а групите ротираат низ различни области и децата не се мешаат меѓу одделенијата.
- Обожавам да одам на плажа. Претпочитам да бидам таму затоа што се чувствувам порелаксирано и попријатно - вели 9-годишниот Антонио Фернандез.
- Ова е многу добро затоа што сум со пријателите, на плажа сум, а ја сакам плажата, налето секогаш доаѓам тука да пливам - вели 10-годишната Луз.
Освен тоа, членови на здружение во близина ја оживеаја римската ера облекувајќи се како војници и локални рибари за да им покажат на децата од каде доаѓа нивната вечера.
- Рибарите ги научија учениците како да ловат риба - вели директорот Алфонсо Вера.
Фото: Screenshot/YouTube