X
 18.01.2019 Образование

Вака изгледа данската иднина - погледнете ги нивните училишта

Гимназијата Јостад е јавна средношколска установа во Копенхаген, отворена во 2005 година. Во периодот на изградба било одлучено дека тоа ќе биде училишна зграда на иднината. Денес ова е футуристичка зграда што ги комбинира традиционалните училници и целосно отворениот простор.

Директорот на ова училиште, Алан Кјаер Андерсен, објаснува како просторот влијае врз педагогијата. На пример, традиционалниот начин на подучување би бил премногу бучен во отворен простор, па учениците работат индивидуално на своите лаптопи, а наставникот оди и помага по потреба. Ова Андерсен го нарекува активно учење што се имплементира со користење технологија.

- Сакаме нашите ученици да бидат произведувачи и комуникатори, па затоа користиме што е можно повеќе креативни алати. Технологијата овде е во служба на ученикот, неизбежно мораме да ја користиме за на учениците да им ги овозможиме посакуваните знаења - објаснува Андерсен.



На прашањето поставено на учениците, што најмногу им се допаѓа во нивното училиште, одговорот постојано е само еден: отвореноста на просторот што им овозможува послободно да дишат, односно да не се затворени во четири ѕида цел ден.

Зеленото училиште е независна образовна институција во Данска, но 75 отсто од трошоците се намируваат од јавните фондови. Во ова училиште сѐ се врти околу екологијата и одржливиот развој, од самата зграда и нејзината приспособеност кон активностите (градинарство, јога, спортови), па сѐ до педагошките методи што можат да се опишат како одржливи, иновативни и креативни. Педагогијата се темели на проекти, особено во повисоките одделенија кои можат сами да ги изберат темата и проектите на кои сакаат да работат. Секојдневно се практикува настава на отворено, барем еден наставен час, дури и кога паѓа снег.

Технологијата се користи во наставата на начин на кој учениците се создавачи и произведувачи, а не консументи. Децата од поголемите одделенија учат програмски кодови и на компјутер спроведуваат истражувања во рамките на своите проекти. Така, на пример, еден од проектите  бил родовите стереотипи. Наставниците и учениците оделе облечени во женска облека, а наставничките и ученичките во машка. Еден од експериментите се состоел во прошетка низ улиците и забележување на реакциите на минувачите на нивната облека.



Училиштето Хелеруп/Фото: Medium.com

Друг пример од данскиот образовен систем е јавното училиште Хелеруп, кое исто така е иновативно во смисла на архитектурата и педагогијата. Во ова училиште наставниците ја планираат и спроведуваат наставата заедно и оценуваат заедно, односно нивната соработка е во средиштето на образовниот систем. Половина учебна година учениците не слушаат класични наставни предмети, туку учат низ проекти што често вклучуваат практична настава. Директорот Ласе Реихстеин смета дека учениците низ проекти навистина усвојуваат нови знаења. Сето она што го слушале на класичната настава, учениците го користат на часовите кога треба да се презентираат проекти.

Во ова училиште не постојат класични училници, туку само простор за учење во кој учениците се целосно независни. Можат и сами да си донесат уреди на кои сакаат да работат и можат да работат и да учат во кои било делови од училиштето. Неколку дена годишно на учениците им е препуштена одлука за просторот за учење, можат да изберат и да учат од дома, во паркот, во градската библиотека... Важно е образовниот процес да се одвива надвор од училиштето за децата да сфатат дека учењето е сеопфатно и дека училиштата не се единствените места во кои можат да учат.

Технологијата се користи на многу начини. Училиштето има своја онлајн-платформа чии цели и резултати од учењето можат да ги видат и родителите и ученици. Нив им е овозможено и самите да го оценуваат својот успех. Училиштето го користи интелигентниот софтвер „Математик Фесор“ за вежбање математика.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование