X
 07.07.2016 Образование

Најголемите универзитети ќе нудат целосни дипломи за неколку години

Водечки универзитети ќе нудат целосно акредитирани додипломски студии онлајн во следниве пет години, вели основачот на водечката американска мрежа на онлајн универзитети.


Дафне Колер, извршен директор на „Coursera“ вели дека технологијата била достапна досега, но универзитетите не биле сигурни за нејзината „репутација“. Досега, онлајн-курсевите најчесто нуделе сертификати за кратки курсеви наместо за целосни дипломи.

Професорката Колер вели дека онлајн-дипломите може да бидат многу подостапни. „Coursera“ била основана пред 4 години, а оттогаш стана еден од најголемите провајдери на масивни отворени онлајн-курсеви. Платформата има 20 милиони студенти кои слушаат курсеви од околу 145 престижни универзитети и институции. Но, повеќето од курсевите се кратки со кои се добива само сертификат.

Колер, зборувајќи на конференција во Лондон, изјавила дека следната фаза за онлајн-учењето би било овозможувањето да се студира онлајн на водечките универзитети.

„Потполно сум убедена дека тоа ќе се случи и ќе се случи порано од 10 години. Потребата на општеството е тука. Целосна факултетска диплома - би била изненадена ако не се случи во следните пет години“, вели Колер.

Професорката Колер додава и дека технологијата постојано се подобрува, но универзитетите не напредувале поради „заштита на брендот“ и бидејќи не сакале да се издвојат од личната школарина.

Веќе има знаци дека оваа промена можеби веќе се случува. Британската универзитетска онлајн-платформа „Futurelearn“ има проект со Универзитетот во Лидс во кој курсевите кои се слушаат онлајн ќе се бројат и како кредити за диплома. Друга американска онлајн-платформа, „edX“, започнува проект со кој онлајн-курсевите може да се искористат за полесно добивање диплома. „Coursera“ веќе нуди две онлајн курсеви за последипломски студии со Универзитетот во Илиноис.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование