X
 22.09.2023 Образование

Активна партиципација на УКЛО на 7. Научна конференција на Берлинскиот процес

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Македонската академија за науките и уметностите учествуваа на Седмата годишна конференција на засегнатите страни од поглавјето за науката, образованието, истражувањата и иновациите на Берлинскиот процес за Западен Балкан, која се одржа од 18 до 20 септември 2023 г. во Тирана, Албанија.

На Конференцијата учествуваа претседатели или нивни заменици од речиси сите академии на науки и уметности од земјите на Западен Балкан и ЕУ-земјите дел од Берлинскиот процес, како и високи претставници (ректори, проректори) од водечките јавни универзитети од овие земји.

1

Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски, имаше чест да биде панелист на Конференцијата, и тоа на првата панел-сесија на официјалниот ден на Конференцијата, одржан во Албанската академија на науките во Тирана.

Панелисти на оваа воведна сесија беа и Фредерика Могерини, поранешна потпретседателка на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, а денес ректорка на Колеџот на Европа во Брисел, Иван Вејвода, познат српски интелектуалец и поранешен политичар, а денес член на Институтот за општествени науки во Виена, Одета Барбалуши, советник на албанскиот премиер.

2

Во рамките на дискусијата, ректорот Неделковски ја истакна потребата за финансирање наменски регионални проекти за земјите од Западен Балкан, бидејќи моменталните облици на соработка на универзитетите од овие земји главно се движат преку фондовите на ЕУ и тоа најчесто преку трети земји лидери на конзорциумите кои ги имплементираат проектите. Обезбедувањето регионални фондови за земјите од Западен Балкан ќе ја интензивира директната соработка во сферата на науката и образование од овие земји и ќе биде поттик за интензивирање на Берлинскиот процес, истакна на крајот од панел-сесијата ректорот Неделковски.

3

Седмата годишна конференција на засегнатите страни од поглавјето за науката, образованието, истражувањата и иновациите на Берлинскиот процес за Западен Балкан беше организирана од националната Германска академија на науките - Леополдина. Оваа конференција и заклучоците што произлегоа од неа се дел од процесот на подготовка на Самитот на шефови на држави или влади на земјите членки на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во средината на октомври оваа година во Тирана, Албанија, која оваа година претседава со Берлинскиот процес.

Инаку, Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива што ја поддржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и ја промовира регионалната соработка во Југоисточна Европа. Основана е во 2014 г. и ја поттикнува соработката меѓу 16 европски земји и Европската комисија.

Од 2015 година Берлинскиот процес вклучува посебно поглавје што се занимава со наука, образование, истражување, иновации и трансфер на технологија.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование