X
 07.07.2016 Образование

Што можат младите да научат од македонските политичари?

Прашавме повеќе млади на возраст до 28 години за тоа што мислат тие за политичките партии, што можат да научат од нив. Повеќето од нив не се членови ниту се активни во подмладоците на политичките партии, па добиваме одговори „од страна“, односно како младите коишто не се вклучени во политиката навистина се чувствуваат



Аболиции и нивни поништувања од претседателот на државата, шарени револуции и контрареволуции, скандали на студентски избори, полициски интервенции... Што можат младите да научат од однесувањето на политичарите денес? Дали оние што ја водат државата пренесуваат пораки за чесност, работливост, искреност и грижливост или младите добиваат сосема поинакви сигнали?

С.С. е студент на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. На прашањето што е прво помислува кога ќе се сретне со поимот „политичка партија“ таа вели:

- Искрено не сум многу внесена во тие води. Немам никаков интерес кон тоа, токму поради тоа што веднаш се јавува кај мене голем револт. Прво што ми паѓа на памет е безредие, користољубивост, себичност. Водачи со себични патеки и слепи, страшно пристрасни следбеници - вели таа.

Голема претстава која не решава ништо

На прашањето каква порака пренесуваат политичките партии до нашите млади таа одговара:
- Циркуз. Дефинитивно пренесуваат порака со низок морал. Мислам дека тоа е само една голема претстава во која не се решава ништо, а мене како незаинтересиран обичен студент ме попречува многу во секојдневното извршување на обврските. Да не бидам погрешно сфатена, ги подржувам оние кои се бунат и борат за фер функционирање и права, но секој друг што протестира со друга позадина, сметам дека е дури тажно. Не сум сигурна дека воопшто некој нешто вредно да научи од политичкиве партии. Се разбора, мислам на учење на нешто што е добро, морално или чесно - вели С.С.

Нејзин колега, А.С.Т. од Битола кој студира во Скопје, студент по психологија има слични ставови:
- Манипулација со маса и креирање на аморфни маси. Од политичките партии треба да научиме да стекнуваме критичко мислење, да имаме сопствен став, граѓански иницијативи. Во зависност од неговата насоченост и потреби, да може да се научат позитивни или негативни нешта или да го изгуби својот идентитет. Она на што треба да се насочи е нетворкингот на политичките партии - вели А.С.Т.

Никој не ги гледа младите

- Корупција. Неадекватност на функција. Бунт - се кусите кументари на уште еден студент, А.П. од Скопје.

С.Н., студент на економски факултет на прашањето на што прво му минува низ глава кога ќе помисли на политичка партија вели:
- Групации полни со идиотизам.

Тој смета дека тие пренесуваат порака на омраза, презир и се негативно што може да се наброи.
- Никој не ги гледа младите, а многу лесно паѓаат под влијание на луѓе кои не гледаат ништо друго освен свои лични интереси. Што може да се научи од нив? - Како да се шара градот и како да се криеш кога си виновен - вели С.Н.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование