Антивоената трибина „Тивки балкански мнозинства“ се одржа во петокот во белградската сала „Миксер хаус“ на тема растечки национални тензии во регионот, кои се закануваат повторно да експлодираат како балканско буре од барут.
На трибината говореа музичарот и антивоен активист, Рамбо Амадеус, фудбалската легенда Џевад Прекази и хрватскиот педагог и социолог, водач на таканаречените „Курикуларни реформи“, Борис Јокиќ, како и домаќините на трибината, основачот и директорот на „Миксер“, Иван М. Лалиќ, и основачот и директорот на фестивалот „Егзит“, Душан Ковачевиќ.
Отворањето на белградското издание на изложбата „Дваесет години Егзит активизам“ и одбележувањето на 25 години од големата рокенрол антивоена акција, која во март 1992 беше во организација на тогаш, најпопуларните рокенрол бендови во Белград: „ЕКВ“,„Електричен оргазам“ и „Партибрејкерси“, беа клучна тема на собирот.
Заедничката песна „Слушај ваму ̶ мир брате, мир“, остана како симбол на тој обид за спротивставување на омразата и военото подбуцнување, од кое беа зафатени сите републики од тогашната територија на СФРЈ.
„Во декември 1996 година со една група пријатели иницирав шетање до Белград во знак на поддршка на студентските и граѓанските протести.„Егзит“ се роди од желбата на луѓето за нормален живот. После години поминати во омраза, луѓето сакаа да не се мразат повеќе едни со други, само затоа што од телевизиите им го порачуваат тоа“, изјави Ковачевиќ.
Рамбо Амадеус истакна дека најпопуларната музика во некое општество секогаш е огледало на политичката елита. „Многу би сакал кога најпопуларна музика во Србија наместо тубофолкот да се операта и џезот, затоа што тогаш би било лесно рокенролот да е алтернатива. Кога турбофолкот е најпопуларен, тогаш си принуден да развиваш класика, џез и сите други префинети сензибилитети, а тогаш рокенролот се спушта на третото место. Кога политичката елита тука би била рок, јас и тогаш би бил алтернатива затоа што така сум навикнал во животот“, рече тој.
„Да имаше во тоа време
интернет, Југославија немаше да се распадне, затоа што слободниот проток на информации ќе ги одвратеше луѓето од лудилото“, истакна Рамбо Амадеус.
Водачот на „Курикуларните реформи“, Борис Јокиќ, напомена дека политичарите на овие простори најмногу се плашат од образованието, науката и знаењето.
„Ќе направат сè за да им ги замаглат очите на луѓето. На овие простори, во овие земји, постојат толку многу потенцијали кои системски беа уништувани. Причина за тоа беше стравот дека тој потенцијал може да се ослободи. Единствено ни ја пуштаат маглата од минатото, за да не ги гледаме сегашноста и иднината“, рече Јокиќ.