Со претставата „Силјан Штркот шанца“, во Македонскиот народен театар од есенва ќе биде обновена детско-младинската сцена. Претставата според драматизацијата на Дејан Дуковски, ја подготвува режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, а премиерата се очекува во октомври.
Од Театарот потсетуваат дека годинава навршуваат 70 години од поставувањето на првата детска куклена претстава „Силјан штркот“, работена според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а во драматизација и режија на Петре Прличко. Со својата модерна драматизација, Дуковски оддава голема почит кон Цепенков и Прличко.
Во претставата ќе играат: Александар Михајловски, Никола Ацески, Марија Новак, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Висар Вишка, Нино Леви, Кире Ѓоревски, Александар Ѓорѓиевски, Николина Кујача, Ана Стојановска и Тина Трпкоска.
За визуелизацијата на претставата, односно за сценографијата и за костимите ќе се погрижи Илина Ангеловска.
Драмата претставува ретка хармонија на реалистично и фантастично, во која, според режисерот Јаниќијевиќ треба да се пронајде детето во себе.
-Не бидете патетични, бидете деца – вели Јаниќијевиќ.