Гласна екопорака ќе испратат 16 деца вечерва во 19 часот во Младинскиот културен центар со претставата „Градот моли: ме угушивте, ме боли!“ Особено актуелната тема која сите нас нѐ мачи, низ песна, игра, танц е мотивација за претставата што ја создаде здружението „Колектив ветерница“, по иницијатива на „Скопје смог аларм“, а поддржана од „Еко свест“. Се работи за проблем кој, за жал, сѐ уште не се сфаќа доволно сериозно од надлежните институции, но и од самите граѓани, велат авторките на претставата, основачите на „Колектив ветерница“ од Скопје.
-Се најдовме пред голем предизвик кога ни ја доверија задачата да создадеме претстава на оваа голема тема, особено што истата треба да е одиграна од деца, а да испрати порака до сите. Нашата главна активност е танцовиот театар, но конкретно за овој проект сметавме дека е потребен и вербален израз, покрај физичкиот, кој не е изоставен, а сето тоа го зачинивме и со пеење и музика во живо. Текстот го создадовме заеднички со тимот, имајќи ги на ум самите карактери на децата и нивните способности. Најважно е што децата реагираат позитивно на овој новитет, тие сакаат да експериментираат, а довербата е заемна – велат од „Ветерница“.
Едукативната претстава што го обработува проблемот на аерозагадувањето на сликовит и интересен начин е вид мјузикл кој преку најубавите детски песнички успева да го задржи вниманието дури и на најмалите, со една цел - зголемување на нивото на свест за последиците од загадувањето, од кое, за жал, се најпогодени оние што ни значат најмногу.
Влезот за претставата е слободен.