X
 01.10.2018 Култура

Ни беше смешно, а потоа стана опасно - Приказната за „Шовинистичка фарса“, претстава што многумина не ја сфатиле навреме

Во средата почина големиот актер Предраг Ејдус. Една од претставите по која ќе биде запаметен е, секако, „Шовинистичка фарса“, пред сѐ, поради пораката што луѓето не ја сфатиле онака како што требало.

- Игравме и за време на војната и пред војната. „Шовинистичка фарса“ е изведена 1.800 пати, во четири продолженија. Започнавме со неа како со една андерграунд претстава која беше на работ на забраната. За шовинизмот едноставно не смееше да се зборува во тоа време - во средината на 80-тите во СФРЈ - рекол Предраг Ејдус во една пригода за „Недељник“.

- Со растењето на претставата започна распаѓањето на Југославија. Помнам многу интересни, понекогаш и потресни приказни за време на нашата изведба на претставата. Беше април 1989 година. Се појави ХДЗ, актуелен беше Туѓман и актуелни беа предизборните митинзи во Хрватска. Се појави и усташкиот симбол. Ние баш тој месец во Загреб ја изведувавме претставата три дена, за 12.000 луѓе. Бевме наградени со овации. Неколку дена потоа игравме во Книн, во Домот на армијата, пред преполна сала. Наидовме на молк. Десетина минути пред крајот можеше да се слушне само благ аплауз. Бевме вџашени. По претставата ни рекоа: - Во оваа сала има 7 до 10 заклани во нивните семејства од усташите. Секој од нив има закопано барем еден митралез или некаков вид оружје. Овде ќе бидете виновни до колена. За жал, и тоа се случи.

фарса
Фото: Printscreen


Подоцна ја изведувавме „Фарса 2“ и „Фарса 3“. Кога беше пробиен коридорот во Република Србија и кога беа споени источниот и западниот дел на Босна, бевме првата претстава што го премина коридорот. Во Бања Лука оваа претстава ја изведовме и за народот и за војската.

Навистина сакавме да укажеме на сите ретроградни појави што се случуваа, таканаречената етногенеза. Гледавме на тоа како на мисија. Одеднаш се појавија нови историчари и некои нови толкувања на работите. Сето тоа ни беше смешно, но сфативме колку е опасно и сакавме на тоа да укажеме. Секако, овие нови теории за историјата и нејзиното ново толкување се нешто што се случува постојано. На тоа денес гледам со гадење и неверување. Но, кога во сила е една сеопфатна амнезија во главите на луѓето, секој може да прави што сака и да владее како сака - рекол Ејдус.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура