X
 23.09.2016 Образование

Интервју со Дијана Зафировска: Што е потребно за да се вработите?

Честопати трагајќи по работата од соништата стануваме свесни дека не ги поседуваме вештините и квалификациите кои се потребни за истото. Најважно е во тој момент да почнеме со барање каде може да се дообучиме или добиеме знаења и докфалификации со цел да се добие можност за вработување или да го работиме тоа што го сакаме. Пазарот на трудот налага да се приспособуваме во текот на работоспособниот живот и да бараме постојано надградување на сопствените знаења и пракси. Затоа, најдобро е да се биде информиран, во секој момент, каде може да се стекнеме со такви обуки за преквалификација.

Госпоѓа Дијана Зафировска e генерална менаџерка на CES – Центарот за обука и ќе ни даде неколку одговори кои може да ви помогнат во вашите докфалификации. 





ФАКУЛТЕТИ.МК:
Госпоѓа Дијана Зафировска, како генерална менаџерка, како би го претставиле работењето на CES – Центарот за обука?

ДИЈАНА ЗАФИРОВСКА: Тренинг центарот Ц.Е.С е лидер во областите на неформалното образование во Македонија, којшто преку повеќе од 14 години, со голем успех го промовира и развива концептот на доживотно учење и унапредување на квалитетот на културниот живот во градот и регионот. Нашето работење го засноваме во 5 области:

1.    доживотно учење
2.    преквалификација на занимања
3.    јазични курсеви
4.    преведувачки и толкувачки услуги
5.    животна средина

Сметаме дека унапредувањето на квалитетот на животот на граѓаните ќе се постигне преку промоција и реализација на концептот на доживотно учење. Од особена важност е да се препознае мигот кога вам ви се потребни доквалификации во одредена област и како тоа најдобро може да го искористите. Затоа постоиме и секојдневно се трудиме да им излеземе в пресрет на сите оние кои сакаат да го надградат своето знаење и да стекнат нови вештини.

Нашата мисија е Унапредување на квалитетот на животот на граѓаните преку промоција и реализација на концептот на доживотно учење, креирање и имплементација на иновативни програмски содржини, преквалификации и доквалификации согласно потребите на пазарот на трудот.

Нашата визија за севкупното работење е да се изградат капацитети во едно Современо општество, вкучено во модернизациските текови, кое поттикнува прогресивни идеи, почитувајќи ја различноста во секоја форма.
Сакаме да креираме општество на функционално писмени граѓани кои во целост го прифаќаат концептот на доживотно учење и општество кое ги почитува принципите на одржлив развој.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Со какви едукации и конкретни вештини може да се здобијат Вашите клиенти?

ДИЈАНА ЗАФИРОВСКА: Кај нас се реализираат повеќе видови на обуки согласно потребите на пазарот на трудот и потребите на клиентите. Во денешното, современо општество познавањето на компјутерското работење стана императив. Компјутерите влегуваат во нашите домови и на нашите работни места како скапоцена помош во извршување бројни задачи и работи. Со поголемиот развој на нашата земја и нејзиното вклучување во светските текови, потребата од врвни познавачи на компјутерското работење расте секојдневно. Ниту една работа не може денес да се замисли без познавање на Windows, Word и Excel. Тренинг центар Ц.Е.С нуди можност да научат сè за компјутерските програми и така соодветно да одговорат на сите сложени барања што ги поставува современото општество.

Воедно, имаме курсеви за преквалификација на знаења и вештини во повеќе области и тоа: козметичко фризерска струка, прехранбена струка, угостителски сектор, градежна струка, текстилна, машинска, текстилна струка, трговска итн., за профилите: инсталатер на уреди за греење и климатизација, курс за заварувач, курс за надградба на нокти, курс за нега на стари лица, за ракувач со виљушкар, курс за монтажа и одржување на лифтови, курс за ракувач со градежни машини, и други во делот на машинските струки, итн. Ова се курсеви за кои се покажа доста интерес во изминатиот период, а се направени со цел да им се излезе во пресрет на сите заинтересирани.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Кому се наменети сите овие курсеви за обуки и програми за преквалификација?

ДИЈАНА ЗАФИРОВСКА: Курсот за компјутерски обуки е наменет за сите возрасти, а посебно за:

•    невработени лица со цел да најдат работа
•    вработени кои сакаат да го унапредат своето знаење
•    загрозат групи на пазарот на трудот
•    фирми кои сакаат да ги обучат своите вработени
•    студенти кои навреме би ги совладале програмите кои ќе ги користат кога ќе се вработат
•    сите оние кои сакаат да бидат поефективни и попродуктивни во сите сегменти од животот

ФАКУЛТЕТИ:МК: Какви планови имате за блиска иднина, со кои новини планирате да ги запознаете своите постојани слушатели, но и да привлечете нови?

ДИЈАНА ЗАФИРОВСКА: Во следниот период ЦЕС организира една обука на доста интересна тема. Се работи за обука за невработени лица, која што е предвидена како активност во рамките на проектот „Пат до вработување - развивање нови вештини и знаења за невработените лица“- ЕРАЗМУС +.

Согласно покажаните досегашни резултати од проектните активности, како и потребата искажана во изминатите тренинизи и семинари, организираме обука на тема: „Иновации и претприемништво“ што ќе се одржи во Скопје од 26 септември – 30 септември 2016 година. Обуката е наменета за невработени лица на возраст од 25 - 45 години што имаат потреба или сакаат да го надградат своето знаење во областа на претприемништвото. Главните критериуми за учество се: лицата да се невработени и да имаат познавање на Англиски јазик на ниво Б1/Б2.

Заинтересираните може да се пријават со испраќање кратка биографија и мотивационо писмо на англиски јазик на следната електронска адреса:
project.roadtoemployment@gmail.com

Дополнителни информации може да се добијат на наведената е-адреса или на тел.: 02/3232-510

Ова е една активност од проект финансиран преку програмата „Еразмус плус“ на Националната агенција за европски образовни програми, чија цел е да се поттикнат иновативноста и креативноста кај невработените лица, да се запознаат со темите и предизвиците во областа на претприемништвото и да се охрабрат младите луѓе, невработените, да развијат сопствени идеи и иницијативи за социјално претприемништво.  Нашата порака е и да се земе малку поактивно учество во развој на сопствени бизниси.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Дали во рамки на оваа обука, слушателите-невработени лица ќе имаат можност да слушнат и други, можеби меѓународни искуства?

ДИЈАНА ЗАФИРОВСКА: ДА, се разбира. Овој проект се спроведува со други партнер организации од Полска, Бугарија и Романија и оние што ќе се пријават ќе имаат можност да ги споделат искуствата со искуството на невработените лица од овие земји. Од особена важност е сите овие искуства да ги меморираме и да ги запишеме, не само да ги споделуваме, бидејќи се основата за сé она што ќе следи во иднина. Работиме согласно барањата на пазарот на трудот и барањата на лицата кои бараат вработување. Пазарот на трудот изискува континуирани обуки, зајакнување на капацитетите и на ресурсите со кои се работи, како и надградба на вештините со кои се стекнувате во текот на работењето. Затоа сме тука, затоа ја следиме оваа нишка, и се трудиме да бидеме најдобри во она што го работиме.

Еве уште еднаш, да напоменам, обуките за сите оние кои се заинтересирани, се бесплатни и можат да се пријават на 02/3232-510 каде што ќе ги добијат сите детали.
 
http://ces.mk/mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование