X
 30.09.2016 Живот

Бојана Ѓорѓиеска, најдобра триатлонка кадетка - Олимпијадата е мојот сон

Струга нема ниту затворен базен, ниту велосипедска патека, но тоа не е пречка 14-годишната Бојана да ја креира својата колекција медали од домашни и странски натпревари во последните четири години


 
Триатлонот важи за еден од најтешките спортови, воопшто. Комбинацијата на три дисциплини – пливање, трчање и возење велосипед бара напорни тренинзи, многу посветеност и дисциплина. Овие особини и се доблест на Бојана Ѓорѓиеска, деветтоодделенката од ОУ „Јосип Броз Тито“ од Струга. Првото место на многу натпревари е загарантирано за неа во последните неколку години. Скромно девојче, благодарно на тие што најмногу ѝ помогнале. Признава дека пливањето ѝ  е најтешка дисциплина, но не затоа што не ѝ оди, ами затоа што Струга нема затворен базен и тренинзите, освен на лето, се комплицирани. До лани, неколку пати месечно доаѓала во Скопје на базен, а од последната зима, тренира во помал базен во хотел во Струга. Бојана е член на клубот „Титани“.

Струга нема патеки ниту за трчање, ниту за велосипед, па нејзините родители, од кои има голема поддршка, признаваат дека тоа понекогаш ги загрижува кога возат на отворен пат.

Факултети.мк: .Како почна триатлонската приказна? Дали прво се занимаваше со некој од трите спортови посебно?

- Со триатлон започнав уште на деветгодишна возраст во 2012 година , а со пливање во 2007-ма, со мојот тренер по пливање, кој е еден од најдобрите триатлонци во Македонија, Никола Кутаноски. Тој е најзаслужен за моите успеси и ми предложи да настапам на државното првенство во триатлон што се одржа во Дојран во 2012-та каде го освоив второто место. Оттогаш на сите државни триатлон првенства ги освојувам првите места. Триатлон федерацијата на Македонија ме прогласи за  најдобра во 2013, 2014, 2015, и сега во 2016, во мојата категорија. Од триатлон дисциплините најмногу ја сакам атлетиката, потоа велосипедизам. Пливањето многу го сакам, но затоа што немаме затворен базен и услови за тренинг во пролет, есен и зима, ми претставува малку потешка дисциплина.  



Факултети.мк:Како изгледа еден твој ден? Колку време одвојуваш за тренирање?

-Триатлонот е еден од најтешките спортови и затоа бара секојдневни тренинзи. Денот ми започнува со тренинг, атлетика или велосипедизам, потоа следуваат училишните обврски кои не се мали, а при крајот на денот тренирам пливање. Околу два до три часа дневно тренирам.

Факултети.мк:Имаш ли поддршка од семејството, од околината? Се гордеат ли другарките со твоите успеси?

-Имам голема поддршка од семејството и заедно со моите другарки се мои најголеми поддржувачи. Исто така, имам огромна поддршка од Триатлон федерација на Македонија.



Факултети.мк:Кој е твојот спортски сон?

-Како и секој спортист, така и јас имам желба да ја претставувам Македонија на големи светски натпревари, како што е Олимпијадата. Тоа е мојот спортски сон, кој би сакала еден ден да биде реалност.

Факултети.мк: Внимаваш ли на исхраната?

-Како и секој спортист, така и јас посебно внимавам на исхраната. Консумирам многу овошје, зеленчук, риба, итн. Триатлонот е еден од најтешките спортови, затоа посебно внимание посветувам на исхраната.



Факултети.мк:Имаш ли омилен медал, достигнување на кое си особено среќна?

-На секој мој успех се радувам еднакво, секој освоен медал за мене е значаен. Имам освоено многу медали и сите ми се еднакво драги затоа што се постигнати со голем напор.

Факултети.мк: Неодамна се врати од Европски куп, каде што се пласира најдобро од македонските натпреварувачи. За каков натпревар станува збор?

 -На европскиот куп за јуниори што се одржа во Загреб учествував втор пат.  Го освоив петтото место. Мило ми беше што по втор пат се дружев со најдобрите триатлонки од Европа. Голема благодарност до Тритлон федерацијата на Македонија што ми овозможи да учествувам на ова натпреварување, како и на други натпревари. Мислам дека можев и многу подобро, да немав здравствени проблем кои ми одзедоа две недели од подготовките и само заради тоа треба да бидам задоволна со освоеното петто место.



Факултети.мк:Надвор од спортот, што најмногу сакаш на училиште? Кој предмет најмногу те привлекува?

-На училишните обврски им посветувам големо внимание. Ученичка сум во деветто одделение и верувам, како и досега, ќе бидам одлична ученичка. Од предметите сите ги сакам еднакво. Многу им благодарам на моите професори кои имаат разбирање за моите отсуства.

Факултети.мк:Заедно со Давид Миланов, кој е најдобриот триатлонец кадет кај нас, летово бевте во Тисаујварош, Унгарија на голем европски саем за триатлонци. Беше ли настанот големо искуство за тебе?

-Тоа беше европски јуниорски камп за триатлонки. За мене претставуваше огромно искуство и чест да тренирам со најдобрите тренери и да учам од нив, да ги слушнам нивните забелешки, а и да ги слушнам нивните позитивни коментари. Овој десетдневен камп ќе ми остане во многу пријатно сеќавање. Уште еднаш голема благодарност до мојот тренер Никола Кутаноски, кој е заслужен за ова што сум денес, и до Триатлон федерација на Македонија што ми овозможи да стекнам вакво искуство.                            
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот