X
 28.04.2020 Наука

Германски министер предлага законско право за работа од дома

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл изјави дека планира да предложи воведување законско право за работа од дома во случаи во кои тоа е изводливо.

Тој вели дека овој закон сака да го предложи наесен и дека, според првите процени, во текот на пандемијата бројот на луѓето што работат од дома порасна од 12 на 25 отсто, па на ваков начин сега работат речиси 8 милиони луѓе. Основата на неговиот предлог е да им се овозможи на работниците да работат од дома цело време или барем еден или два дена во неделата. 

- Секој што сака и чие работно место го дозволува тоа, треба да има можност да работи во неговата домашна канцеларија - дури и кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот - изјави Хајл.

Социјалдемократската партија на Хајл, малцински партнер во владејачката коалиција предводена од канцеларката Ангела Меркел, уште во декември повика на воведување право за работа од дома.

работа
Фото: Unsplash

Светот сега е погоден од глобалното ширење на коронавирусот. Германија, како и многу други земји, ги стави своите граѓани во изолација, спречувајќи отворање на несуштински бизниси и спроведувајќи строги мерки за јавниот живот.

Оваа недела Германија ги презеде првите чекори кон олеснување на мерките. На малите продавници ќе им биде дозволено да отворат, а по 4 мај ќе се отворат и некои од основните и средните училишта.

Но, строгите мерки за движењето во јавноста и натаму се во сила - дозволено е групирање на само двајца, а исклучок се семејствата. Во сила и понатаму е правилото за социјално дистанцирање.

Извор: News Yahoo
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука