Од ден на ден, најнаселената земја во светот сè повеќе напредува. Технолошкиот развој се забележува на секој чекор, а последната најава говори дека во план е изградба на најголема железничка станица за брзи возови во светот, кои ќе поминуваат, ни повеќе ни помалку, туку под Кинескиот ѕид.
Станицата ќе се гради во рамки на подготовките за зимските Олимписки игри кои ќе се одржат во Пекинг во 2022 година. Со доделувањето на организацијата на овој настан, Пекинг стана единствениот град во кој се одржале летни (во 2008 година), но и зимски Олимписки игри (2022 година).
Сепак, оваа станица нема да се гради во Пекинг, туку во Бадалинг, најпосетуваниот дел од Кинескиот ѕид, кој се наоѓа на оддалеченост од 80-тина километри од главниот град. Ќе се простира на површина од 36.000 метри квадратни, сместена 102 метри под земјата. Ваквата големина е сосема очекувана ако се знае фактот дека на ова место секој ден поминуваат во просек 30.000 посетители на Ѕидот.
Станицата ќе биде дел од мрежата која ќе го поврзува Пекинг со Џанџакоу, место во кое ќе се одржуваат некои натпреварувања, како скијачки скокови, бијатлон и др. Линијата ќе поминува низ планините под самиот ѕид, па за пробивање на трасата ќе биде неопходно и минирање. Се разбира дека ваквите активности ќе бидат спроведувани мошне внимателно заради заштита на Кинескиот ѕид од оштетувања.
Кина во моментов ја има најдолгата
железничка линија за брзи возови во светот, во должина од 2299 километри, што ги поврзува Пекинг со Гуангџоу. Благодарение на модерните брзи возови, ова патување трае околу осум часа.
За следните четири години, Кинезите планираат да инвестираат 400 милијарди долари за дополнителна модернизација на транспортната инфраструктура.