Деновиве започна нов, амбициозен проект наречен Project Blue (во слободен превод Син проект) кој е приватно финансиран, а има за цел да направи фотографија од планета слична на Земјата, која во некоја далечна иднина би била нов дом за човештвото.
За реализирање на оваа цел, астрономите од проектот треба да конструираат вселенски телескоп со големина на машина за перење и да го насочат кон најблискиот ѕвезден систем, Алфа Кентаур. Тие се надеваат дека ќе снимат први фотографии од некоја камена планета на која постои или би можело да се развие живот, пишува
Гардијан.
Ако овој проект успее, снимената фотографија од планета во орбитата на Алфа Кентаур А или Алфа Кентаур Б би ја надминала фотографијата од Земјата (наречена „бледа сина точка“) која во 1990 година ја сними сондата на НАСА – Војаџер 1 од работ на сончевиот систем.
Синиот проект би бил своевидна надградба на вселенскиот телескоп Кеплер кој е во сопственост на НАСА и кој заедно со други инструменти последниве години забележале низа карпести планети кои се сместени во делот од вселената каде температурата е соодветна за појава на течна вода. Астрономите сметаат дека ваквите планети се најдобрите кандидати за живот во вселената.
Од 1980 година потврдено е постоењето на над 3000 егзопланети надвор од сончевиот систем, но сите се познати единствено според несигурните мерења кои ги набљудуваат флуктуациите на светлината на ѕвездите покрај кои орбитираат овие небесни тела. Директна фотографија од ваквите планети сè уште не е снимена.
„Последниве десет години потрага по егзопланети покажаа постоење на мноштво мали планети. Сега настојуваме да утврдиме дали животот во вселената е ретка или честа појава. Создаваме контекст за истражување кој би помогнал подобро да го разбереме нашето место во вселената“, вели Џон Морс, поранешниот шеф на астрофизичарите во НАСА , а денес директор на BoldyGo институтот, што е еден од водечките во
Синиот проект.