X
 29.10.2016 Образование

Секој ден спорт во основните училишта во Србија

Почнувајќи од следната учебна година, учениците во основните училишта во Србија секојдневно ќе се занимаваат со спорт, и тоа не само преку наставата на физичко образование, туку и преку воведување на различни спортски активности, најавил за „Danas“, српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ.

Два часа по физичко образование остануваат задолжителни во неделениот распоред, а изборниот спорт познат и како трет час по физичко ќе биде укинат. Наместо тоа ќе се воведуваат спортски активности, три пати неделно од половина час (вкупно час и половина неделно) и тоа во деновите кога нема задолжителен предмет на физичко образование.


физичко образование


„Тоа нема да биде во форма на класичен час бидејќи ние се обидуваме да воведеме нешто што нема да биде дополнително оптеретување за учениците. Спортските активности може да се изведуваат и во меѓу-смени, за големиот одмор, а ако времето е убаво можеме да организираме турнири. Во соработка со Здружението за педагози ќе ја разработуваме идејата за физичка култура а очекуваме и предлози од училиштата. Ние на училиштата ќе им понудиме неколку модели, но тие ќе имаат слобода сами да осмислат како тоа ќе го спроведат во пракса. Ако има пари ќе се обидеме почнувајќи од следната учебна година да ги вратиме целодневните спортски денови и на еден поинаков начин да го планираме училишниот календар“- вели Шарчевиќ, напоменувајќи дека многу спортски федерации изразиле желба да се вклучат и да помогнат, но и дека Министерството за образование ќе соработува со министерствата за здравство и млади и спорт.

Министерот истакнал дека спортот, информатиката и дуалното образование се клучни теми за кои се дискутирало на неодамнешната конференција на министрите за образование на Кина и Србија.

„Изборната спортска активност сега има статус на задолжителен изборен предмет, па така се проценува дека тоа е нелогично. Се покажа дека тој предмет не ги оправдува очекувањата и дека изборот постои само формално. Најдовме подобро решение тој еден час да го оставиме по информатика кој од септември би бил задолжителен, а вториот час по информатика да биде преку настава на техничко објаснување“- објаснува Шарчевиќ.

Тој рекол дека почнувајќи од следното полугодие, учениците од прво до четврто одделение во основно училиште ќе започнат со секојдневни физички вежби и потсетува дека сличен пилот проект веќе се спроведува во голем број на основни училишта. Министерот потенцира дека сите училишта ќе бидат обврзани да организираат спортски активности за своите ученици, а од родителите се очекува да бидат контролори и на тој начин партнери на Министерството за образование во оваа област.

Шарќевиќ додал дека ќе бидат подготвени и упатства за директорите на училиштата за издавање на сала за физичко образование за во иднина да не се случува родителите да велат дека немаат термин за спортски активности на учениците. Салите би ги издавале трети лица и така би се остварувале  дополнителни приходи, но сепак може да се издаваат дури после девет часот навечер, објаснил министерот.

Професионалната асоцијација на професори по физичко образование е задоволна со намерите на властите во образованието но стравуваат како наставата ќе биде организирана, бидејќи, како што тие велат, дополнителниот час и половина за спорт изнесува 67,5 минути.

Како што „Danas“ неодамна напиша, Здружението на педагози, барало физичкото образование и изборниот спорт да се обединат во еден предмет, но и да се воспостават задолжителни училишни спортски секции како воннаставна активност, за која ќе бидат резервирани два часа од неделниот распоред.


Пауза за мозокот

Педагозите објаснуваат дека идејата за секојдневно вежбање во траење од половина час не е нова. Белградското основно училиште „Иво Андриќ" е вклучено во меѓународен проект „Brain breaks“, кој им помага на учениците во моментите кога нивната концентрација опаѓа во текот на наставата, да направат „пауза на мозокот" и за тоа време да набљудуваат филмови на екранот и интерактивно да се вклучат во физичка активност.

На тој начин доаѓа до подобрување на концентрацијата и вниманието, како и на моторните способности. Една од идеите за оваа програма е да се нагласи потребата за вклучување на учениците во физичко образование, во текот и помеѓу часовите, а не само на часовите по физичко образование.
Подготвил: Светлана Петковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование