Подземни градови постојат низ целиот свет. Главна причина за изградба на овие градови во древните времиња била заштитата од непријателите.
Ви ги претставуваме петте најпознати
подземни градови:
1. Сетенил де лас Бодегас, Шпанија
Еден од најстарите познати подземни градови се наоѓа во Шпанија, во селото Сенетил де лас Бодегас, лоциран на околу 160 киломтри североисточно од Кадиз. Населбата се простира по должината на реката Трехо, со куќи изградени под карпите, кои како да создаваат надворешни ѕидови што ја покриваат населбата. Во ова село денес живеат околу 3000 жители, а популарно е по своите месни и пекарски производи и најдобрите ресторани и кафулиња во регионот. Модерниот Сенетил се развил врз утврдениот град на Маврите. Во 15 век градот го зазеле христијаните и ги протерале поранешните жители.
2. Озконак, Деринкују и Кајмакли, Кападокија, Турција
Овие три градови се само дел од подземната мрежа од градови во Турција. Се смета дека биле населени уште од античко време. Секој од градовите има црква, трговски дуќани, столбови и предмети за почит од различни вери, како зороастризмот, византиското христијанство и др. Градот Деринкују, на пример, можел да смести 20.000 луѓе, а е поврзан со градот Кајмакли преку подземен тунел долг осум километри. Овие подземни градови биле основани заради постојаните закани од странски напаѓачи, Грци, Персијци, Римјани.
3. Петра, Јордан
Петра е населена уште од 312 година пред нашата ера, а подрачјето околу градот дури 7000 години п.н.е. Се споменува и во записите за египетските воени кампањи, но и во библиската книга Откровение, како „местото врежано во карпи“. Археолозите веруваат дека Петра настанала како начин за контрола на природните резервоари кои се наоѓаат под градот, но возможно е да била планирана и како место за погребување. Петра била место за трговија меѓу Газа и Сирија, и сè до поразот од Римјаните била богат град. Градот потонал во заборав сè до 1812 година, кога ја открил швајцарскиот истражувач, Јохан Лудвиг Буркхарт. Денес Петра е заштитена од УНЕСКО.
4. Меса Верде, САД
Индијанците Пуебло имаат заслуга за изградбата на познатите села во карпите во северозападниот дел од САД, во кањоните Чако и Меса Верде. Живееле од лов и земјоделство, и собирале плодови од природата. Населбите во карпите ги изградиле помеѓу 6 и 12 век. Исчезнувањето на популацијата која живеела на ова подрачје се поврзува со долг сушен период што траел цели 25 години. Меса Верде е дел од Националниот парк во САД кој содржи повеќе од 4000 археолошки наоѓалишта на 21 хектар површина.
5. Матмата, Тунис
Популарните куќички под земја во Тунис се честа дестинција на туристите кои доаѓаат во овие краишта, но најмногу затоа што сакаат да го посетат „домот“ на Анакин Скајвокер, односно Дарт Вејдер, со оглед на тоа што планетата Татуин од серијалот филмови „Војна на ѕвездите“ е сместена токму во Тунис. Овие куќички се традиција за ова подрачје, а настанале со копање на големи дупки во земјата. Околу дупките се создаваат вештачки пештери, каде се прават простории за живеење. До 1967 година речиси и да не се знаеше за нивното постоење, сè додека периодот на интензивни дождови, кои траеја 22 дена, не предизвикаа рушење на поголем број од нив. Владата им помогна да се изгради нова населба, но поголемиот дел од жителите решија да ги поправат своите подземни куќи и да останат во нив.