X
 26.11.2024 Живот

Градови на духови низ Европа што кријат морничави приказни

Кога ќе зачекорите во напуштено место, се чини како времето да застанало. Тротоарите кои некогаш биле полни со луѓе сега се обраснати со плевел. На ваквите места често владее непријатна тишина, повремено прекинувана само од шепотот на ветрот додека се движи низ напуштените улици.

Овие градови на духови, кои можат да се најдат низ цела Европа, се остатоци од одамна поминати времиња, заборавени од многумина, но сè уште постојат како морничав спомен за животот што некогаш се одвивал во нив.

Но, во последно време голем број туристи во потрага по авантура одлучуваат да посетат токму вакви места. Естетската привлечност на пропаднатите згради во комбинација со чувството дека шетаат низ заборавен свет е токму она што ги привлекува.

Ова се неколку такви градови низ Европа.

Трагичен спомен на Орадур сур Глан, Франција


Орадур сур Глан во Франција бил напуштен по страшниот масакр што се случил на 10 јуни 1944 година, кога нацистичките војници убиле 642 жители. Наместо да се обнови, селото било зачувано во руинирана состојба како грозоморен потсетник на злосторствата извршени во Втората светска војна.

 
Меѓу урнатините можат да се најдат лични предмети, како велосипеди и машини за шиење, што даваат приказ на животот пред трагедијата.

Имбер, Англија - село кое се користело за воена обука

Во 1943 година на селаните од Имбер во Англија им биле дадени само 47 дена да ги напуштат своите домови бидејќи британската армија ја презела областа за воена обука. Жителите никогаш не се вратиле, а Имбер останал главно недопрен, достапен за јавноста само на одредени датуми.

 
Овој замрзнат момент во минатото дава поглед на воена Англија, потсетувајќи како воените потреби понекогаш ги окупираат и обликуваат заедниците, оставајќи ги нивните сеќавања замрзнати во времето.

Припјат, Украина - чернобилската нуклеарна несреќа

 
Градот на духови Припјат, Украина, бил напуштен по катастрофата во Чернобил во 1986 година. Припјат бил изграден за работниците што работеле во блиската нуклеарна централа, но брзата евакуација по катастрофалната експлозија била толку ненадејна, што денес градот изгледа како таму времето да застанало.

Ирбене, Летонија - советска реликвија


Друго напуштено место во Европа е градот на духови Ирбене, Летонија, кој покажува колку тајни се криеле кога постоел Советскиот Сојуз. Ирбене некогаш бил советска радарска база, дизајнирана за надзор.

 
Градот бил напуштен по распаѓањето на СССР, означувајќи го крајот на цела ера на европска историја. Овој ненадеен прекин ги одразува големите промени што ја обликувале транзицијата на Европа од Студената војна кон пообединет и отворен континент.

Пирамидин, Норвешка - замрзнат град, сведок на советските амбиции

 
Пирамидин во Норвешка, сместен на архипелагот Свалбард, е град на духови што нуди приказ на советските амбиции. Градот некогаш бил населен од рудари што копале јаглен, а бил напуштен во 1998 година поради економски предизвици, оставајќи зад себе целосно опремен град со културни центри, спортски објекти и симболи на советската ера.

Планирате да ги посетите овие места?

Напуштените села како Орадур сур Глан во Франција, Имбер во Англија и Припјат во Украина може да се посетат.

Сепак, важно е да се придржувате до строгите правила поради историски и безбедносни причини.

Секогаш внимавајте на правилата и условите за влез, внимавајте на можните опасности и не обидувајте се да донесете сувенир бидејќи тоа може да биде нелегално или да се смета за знак на непочитување кон оние што некогаш живееле во тоа место.

Извор: 6yka.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот