Од следната учебна година учебници по математика и природни науки (физика, хемија и биологија) адаптирани според наставните програми од Кембриџ ќе имаат и учениците во прва година средно образование. Надлежните истакнаа дека успеале да создадат модерен и конкурентен образовен систем на основно образование кој ќе продолжи и во средното образование.
- Ќе создадеме подобри услови за работа на наставниците - поквалитетни програми и учебници, примена на посовремени методи, а тоа ќе вроди со подобри резултати кај нашите ученици - изајави Весна Хорватовиќ,директорка на Бирото за развој на образованието.
Министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу изјави дека математиката и предметите од групата природни науки - хемија, физика и биологија, учениците ги изучуваат преку најсовремени наставни програми и учебници адаптирани на нашите национални особености, кои значително го промениле и унапредиле текот и концептот на наставата.
- Часовите станаа креативни и интересни за учениците, интеракцијата се подигна на највисоко ниво и се замени стариот и класичен начин на предавање. Материјата сега е лесно совладлива, едноставна и практично применлива- рече Лутфиу.
Инаку, реформата за воведување на адаптирани наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми од Кембриџ почна пред три години во основните училишта. Сега ќе продолжи и во гимназиите и во средните стручни училишта и етапно ќе ги опфати сите години, со што реформата ќе биде заокружена за двете образовни нивоа - основно и средно.