Средношколците, нема да ја почнат новата учебна година според програмите на Кембриџ, како што беше најавено лани, туку ќе учат според старата програма.
Владата на денешната седница одлучи да биде одложена имплементацијата на програмата Кембриџ, односно наставните планови и програми за прва година во средните училишта. Оваа одлука беше очекувана, со оглед на изјавите на министерката за образование и наука Рената Дескоска која најави ревизија и на Кембриџ програмата во основното образование. Дали ќе се менува програмата за основно образование или целосно ќе се укине новиот Кембриџ модел треба да покаже ревизијата на наставните програми и на учебниците. Министерството за образование и наука најави повеќе детали за утре, кога ќе појасни што точно значи оваа одлука на Владата.