Поранешниот британски полицаец Бен Хупер, планира да влезе во историјата со тоа што ќе го преплива Атлантскиот Океан по целата должина од Африка до Јужна Америка, а својот потфат по 3 години подготовка го започна во неделата.
Овој 38-годишен ја почна својата тура од плажата во Дакар, пат од 1,635 наутички милји или малку повеќе од 3.000 километри од Сенегал до Бразил.
„Ова е посветено на ќерка ми. Јас веќе долго време се подготвував"-изјавил Хупер.
Хупер го следат два чамци и членови на екипаж од 10 луѓе. Тој планира да стане прва личност што ќе го преплива Океанот помеѓу двата континенти. Според неговиот план следно на копно ќе пристигне во март идната година.
Поранешниот полицаец изјавил дека се спремал 3 години и дека внимателно го избрал екипажот на главниот чамец, на кој ќе јаде и спие во моментите кога нема да плива. Хупер планира во вода да поминува околу осум часа на ден, без оглед на тоа што неговата рута е полна со ајкули и медузи.
Тој рекол дека пред околу три и половина години страдал од депресија, но дека одлучил да го промени својот живот поради својата ќерка.
„Никогаш никој не го препливал целиот Атлантски Океан. Повеќе луѓе стапнале на Месечината, отколку што се обиделе со ова, па мислам дека ова е мојот повик. Ако можам со тоа да бидам инспирација за себе и другите луѓе и да соберам пари за добротворни цели, зошто не би го направил тоа?“- истакнал Хупер.
Екипажот се состои и од медицински персонал, кој покрај другото е задолжен и за следење на километражата. Хупер нагласил дека во случај струите да му помогнат да дојде до Бразил, ќе плива по должината на брегот додека не достигне полна километража.
Него го чекаат многу предизвици како што се: морската фауна, дехидратација, временските услови, но Хупер изјавил дека најмногу се плаши да го изневери својот тим и својата ќерка.
Во текот на пливањето ќе слуша музика со посебни слушалки, а меѓу изведувачите ќе биде и Еминем. Исто така, тој ќе има специјална опрема која ќе му помогне да камуфлира од ајкули и опрема за следење, за навивачите на интернет да може да го следат неговото петмесечно патување.
„Се гледаме во Бразил"- беше последното нешто што Хупер го кажал пред да исплива.