X
 17.11.2016 Култура

Дали сте слушнале за taarof, интересен обичај во Иран?

Иранците се една од најљубезните нации во светот. Но, со нив воопшто не е лесно, и гостинот никогаш не е сигурен дали домаќинот навистина сака да му угоди или е лажно љубезен.

Панорама од Иран

На подрачјето на некогашна Персија, денешен Иран, постои еден стар обичај наречен taarof. Тој најлесно може да се опише како лажна љубезност, кога припадниците на општеството се должни да изразат почит кон другите, ветувајќи им „брда и долини“, односно нудејќи им услуги за кои се надеваат дека нема да им бидат прифатени.

Земете за пример ситуација како влегувате во такси и однапред се договарате со возачот за цената на превозот, но кога ќе стигнете до определената дестинација, тој одбива да ви наплати. Вие збунето ќе приговорите на тоа, но тој сепак останува на својата одлука. Излегувате од таксито збунети, без да знаете дека сте направиле грешка.

Всушност, таксистот очекувал од вас да бидете поупорни и понастојчиви во плаќањето на неговата услуга. Културата на taarоf-от налага барем трипати да понудите или да одбиете некаква услуга, со што ја задоволувате формата, а потоа можете да го изразите своето мислење, односно да побарате пари или да платите одредена услуга.

Taarоf-от  е најизразен меѓу лица кои не се познаваат меѓусебно, додека во пријателските, деловните или романтичните врски е вонредно редок. Иако овој обичај генерално е позитивен чин, во погрешни раце може и да се злоупотреби, односно да се искористи за некоков нефер профит. Во иранското општество, таквото однесување се гледа со голем презир.

Интересно е дека Иранците се сметаат за една од најгостопримливите нации во светот. Тие се подготвени на својот гостин да му го понудат последното парче леб или сопствениот кревет за да му угодат, што кај туристите може да предизвика дилема дали домаќинот навистина мисли така или е само лажно љубезен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура