X
 20.11.2016 Култура

Го препливале Мртвото Море, за да предупредат за неговото исчезнување


Оддалеченоста од едниот до другиот брег е само 15 километри, но високото ниво на сол во водата речиси го оневозможува нормалното пливање.

Пливач во Мртвото Море

Група храбри и издржливи пливачи ѝ пркосеа на солената вода и успеаа да го препливаат Мртвото Море, од Јордан до Израел, што претставува прв ваков забележан потфат.

Препливувањето на езерото го организирало здружението EcoPeace со намера да ја подигне свеста за намалувањето на најдлабоката депресија во светот, и тоа по еден метар годишно.

Дваесет и шест екстремни пливачи од целиот свет, опремени со специјални маски заради превисоката соленост, го препливаа Мртвото Море за седум часа.

Растојанието меѓу бреговите изнесува 15 километри, но високото ниво на сол во водата го оневозможува нормалното пливање. Мртвото Море е десетпати посолено од Средоземното, што предизвикува телата да лебдат на површината, а нуркањето е невозможно.

„Беше потешко од очекувањата“, изјавил 40-годишниот Шпанец, Самуел Моран.
„Најлоша е иритантната комбинација од сонцето и солта на кожата. Цело време имате чувство дека горите“, рекол Моран и признал дека неколку пати посакал да се откаже. Пливачите врз лицата носеле специјално дизајнирани маски, бидејќи и најмала количина вода во устата или во очите, може да предизвика агонија.

Пливачи во Мртвото Море

Ким Чемберс од Нов Зеланд рекла дека дотогаш пливала на најекстремните делници во сите краеви од светот, но овој ѝ бил најголемиот напор досега. „Дури и неколкуте капки вода се чувствуваат како киселина во очите, а голтката може да биде и фатална“, изјавила Ким. Бреговите на Мртвото Море ги делат Израел, Јордан и палестинските подрачја. На висина од 400 метри под нивото на морето, ова место е најдлабоката депресија во светот.

Пливачи во Мртвото Море

Стручњаците предупредуваат дека Мртвото Море би можело да пресуши до 2050 година. Гибон Бромберг, директор на EcoPeace за Блискиот Исток, рекол дека препливувањето било организирано „како глобален повик за спас на чудесното море“.

Сушењето на Мртвото Море почнало во шеесеттите години на минатиот век, кога Израел, Сирија и Јордан заради наводнување почнале да го менуваат текот на реката Јордан, неговиот главен извор. Оттогаш, нивото на Мртвото Море се намалило 40 метри, посочил хидрологот Јешиели Јозеф.

И многу други компании црпеле вода од Мртвото Море, заради искористување на неговите минерали, особено во медицински цели. „Мрвтото Море исчезнува, бидејќи му ја нарушивме рамнотежата на водата, а кога велам ние, мислам на Јордан, Израел и Сирија“, рекол Јозеф.

Тој исто така додал дека со оглед на политички нестабилното подрачје, тешко би се постигнале долгорочни решенија. Израел и Јордан потпишаа мировен договор во 1994 година, но нивните билатерални односи останале замрзнати, додека, пак, Сирија ја зафатила граѓанска војна. Јозеф вели дека Израел може да си дозволи да не зема вода, бидејќи ги унапредиле постапките за десалинизација, но во Јордан тоа е невозможно. „Нема вистинско решение. Можеби единствено може да се зборува за забавување, но и тоа е многу тешко“, истакнал тој.  

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура