X
 21.11.2016 Здравје

Знаци дека имате натпросечна социјална интелигенција


Сијалици

Психолозите ја дефинираат социјалната интелигенција како способност за мудро однесување во меѓучовечките односи, а делумно се поврзува и со бонтонот, односно правилата за убаво однесување.
Социјалната интелигенција подразбира позитивни особини како што се љубезноста, претпазливоста, внимателното слушање. После разговор со социјално интелигентна личност, се чувствуваме смирено и исполнето, а не како некој да го исцедил животот од нас.

Еве ги седумте знаци што ги откриваат луѓето со натпросечна социјална интелигенција:

1.    Не се обидувате да предизвикате силна емоционална реакција кај соговорникот

Додека зборувате за вашиот успех на работното место или додека ги покажувате новите чевли, не очекувајте од соговорникот восхит, величење и пофалби на цел глас. На луѓето со висок коефициент социјална интелигенција не им е потребна потврда од другите луѓе. Кога зборувате за некој ваш успех или ги покажувате новите чевли, правете го тоа на умерен, не пренагласен начин.

2.    Не зборувате во „дефинитив“ за луѓето, политиката и ставовите

Најбрз начин да се стекне впечаток дека некој е неинтелигентен е исклучивоста со која ги соопштува своите заклучоци. Таквиот човек би кажал : „Тоа е погрешно“, без да земе предвид дека за некој друг можеби истото тоа е добро. Социјално интелигентната личност би се изразила „јас лично не го разбирам тоа, или пак, не се согласувам со тоа“. Да се зборува во „дефинитив“ за луѓе, идеи, ставови значи да се биде слеп за многу други аспекти. Таквото однесување ги открива луѓето со затворен ум.

3.    Не сметате дека вашето мислење за некоја личност е непобитен факт

Социјално интелигентните никогаш не би рекле „тој е будала“ како тоа да е факт. Наместо тоа би рекле „имав негативно искуство со таа личност и се чувствував  многу непријатно“.

4.    Никогаш не ги генерализирате другите според  нивното однесување

Кога дебатираат со другите, социјално интелигентните луѓе секогаш бираат зборови и начин на говор што не звучат заканувачки или обвинувачки, па затоа наместо да кажат „ти си...“, најчесто велат „сметам дека...“ или „чувствувам дека...“. На овој начин соговорникот е  поподготвен   да ја согледа нивната перспектива и да влезе во дијалог кој носи посакувани промени.

5.    Знаете како на здрав начин да се издвоите од нечии зборови

Со други зборови, знаете дека светот не се врти околу вас. Знаете да слушате без да помислите дека нечии зборови се упатени против вас. Знаете да се одвоите од сопствените проекции и се обидувате да ги разберете перспективите на соговорникот без да претпоставувате дека имаат некаква врска со вас.

6.    Слушате за да чуете, а не за да дадете одговор

Додека слушате што ви зборува соговорникот, фокусирајте се на она што го зборува, а не на тоа што вие ќе одговорите.

7.    Најважен однос ви е оној што го имате кон самите себе

Најважната работа што ја разбираат социјално интелигентните луѓе е дека нивната врска и односот кон другите е продолжение на врската и односот што го имаат кон себе.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје