Триесетина ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ вчера учествуваа на работилница за стоп-анимација наречена „Преку апликација до стоп-анимација“. Работилницата се одвиваше во соработка со фестивалот „Мобил фестивал“, а низ тајните на анимацијата учениците ги воведе Крсте Господиновски, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје.
Фото: Дивна Жежовска
Учениците имаа можност да дознаат повеќе за стоп-анимацијата и за тоа дека и со смарт-телефон и со соодветна апликација, можат и самите да изработат филмско дело. Нивните креации на хартија ги преточија во филмови, кои на 26 ноември, во 18 часот во Кинотеката на Македонија, ќе бидат прикажани на главната вечер на фестивалот „Мобил фестивал“. Ќе бидат прикажани сите филмчиња сработени на работилницата, како и филмови кои конкурираат за награди на фестивалот. Сите учесници на работилницата ќе добијат стипендија за студирање на кој било факултет на ЕСРА. Работилницата се одвиваше под менторство на професорките по ликовна уметност, Кристина Битракова и Ангелина Дамјаноска-Наумоска. Ова е втора соработка на гимназијата „Јосип Броз Тито“ со „Мобил фестивал“.
Фото: Дивна Жежовска
Во рамки на фестивалот, во соработка со „Синедејс“ се одржа детска работилница на која изработуваа фигури со пластелин.
Денеска и утре, со почеток во 18 часот, во Кинотеката ќе бидат прикажани и филмови за деца над 10 години. Станува збор за холандскиот „Малиот гангстер“ и германскиот “Авантурата на Нели“. И двата филма беа прикажани на фестивалот „Џифони Македонија“. Главната вечер на фестивалот е на 26 ноември. Во Кинотеката на Македонија во 18 часот ќе бидат прикажани филмовите што пристигнаа на конкурсот за филмови снимени со мобилен.
Фото: Дивна Жежовска