X
 03.04.2015 Образование

Средношколците протестираат, Унијата на средношколци смета дека се политички мотивирани

Во текот на вчерашниот ден се одржаа средношколски протести во Прилеп, Тетово и Виница. Овие протести го следат масовниот средношколски марш кој беше одржан во Скопје во средата.


Барањата на средношколците се јасни:

- Отстранување на математиката како трет задолжителен предмет во државната матура;

- Враќање на стариот модел на полагање државна матура;

- Укинување на електронското полагање државна матура воведено неодамна.

Од друга страна, Унијата на средношколци, со која беше остварена средбата на МОН по повод барањата на средношколците, излезе во јавноста со свој став. Тие ги осудија протестите како мотивирани од политички причини.

„Не наседнувајте на манипулации затоа што за неодење на настава, бојкот на образовниот процес, небезбедно патување со автобуси без знаење и без дозвола на родителите последиците ќе ги сносите директно вие, а не оние кои се кријат зад вас. А на нив им порачуваме - Тргнете ги рацете од средношколците, за политика нема место во нашите училници“, изјавуваат од унијата.

Средношколскиот пленум изјави дека Средношколската унија е нелегитимна и фиктивна, а била искористена од страна на МОН за да се манипулира со средношколците во врска со реформите во образованието. Навистина, откаде се појави оваа Унија на средношколци и кој ги избира нејзините претставници?

Кога станува збор за марширањата од страна на средношколците, ова е втори протести по ред за помалку од еден месец. Првиот пат, средношколците маршираа во голем дел од градовите, меѓу кои и Струга, Битола, Прилеп, Тетово и Велес. Средношколскиот пленум организираше втори марширања поради игнорирањето од страна на Министерството за образование и наука.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование