X
 24.11.2016 Наука

Астрономите пронајдоа огромен објект во вселената, скриен зад Млечниот пат


Млечен пат

Зад густата магла на нашата галаксија, астрономите најверојатно наидоа на една од најголемите структури во вселената. Новиот суперкластер го именувале Вела. Се работи за масивна група од повеќе галактички кластери, а секоја се состои од стотици или илјадници посебни галаксии, пишува Бизнис инсајдер.

Структурата ја откри тимот  на астрофизичарот Рене Краан Кортвег од универзитетот во Кејптаун, а името го доби според констелацијата Вела, во чија близина е пронајдена.

Можеби е тешко за верување дека толку голем објект не бил забележан досега, но доколку се земе предвид каде е лоцирана Земјата, сè ќе стане појасно.

Млечниот пат се шири и е составен од 100 милијарди ѕвезди, трилиони планети и облаци од гасови и прашина. Затоа е и многу тешко да се перцепираат астрономски структури надвор од галаксијата.

Краан Кортвег и колегите ја забележале структурата користејќи повеќе телескопи. Со собраните податоци пресметале со која брзина различни галаксии се оддалечуваат од Земјата. На тој начин откриле дека сите галаксии што биле видливи, а најверојатно и милиони други кои не можат да се видат, всушност се движат заедно.

„Очигледно беше дека набљудуваме масивна мрежа од галаксии“, изјави Мичел Калвер, една од астрофизичарките која работи на проектот. Истражувачите проценуваат дека суперкластерот Вела е приближно голем како суперкластерот Shapely, што содржи околу 8.600 галаксии.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука