X
 28.10.2020 Наука

Ова е поранешниот патнички авион со кој НАСА откри вода на Месечината

НАСА штотуку потврди дека има вода на Месечината. Во понеделникот научниците изјавија дека била откриена замрзната вода на Месечината со помош на податоци од летачката опсерваторија на НАСА, која всушност е адаптиран авион „боинг 747СП“. Во авионот има телескоп долг 2,7 метри кој прави инфрацрвени фотографии.

Стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астрономија или СОФИА лета над Земјата со телескопот насочен кон ѕвездите. На некои мисии опсерваторијата лета на височина од речиси 14.000 метри.


Фото: SOFIA

Најновото откритие на НАСА ќе придонесе за идните мисии на вселенската агенција, особено за мисијата на Месечината планирана за 2024. Авионот со чија помош било направено откритието изгледа како обичен авион однадвор, но во себе крие моќен телескоп и претставува најголемата воздушна опсерваторија во светот.


Фото: SOFIA

Научниците користат слични телескопи на Земјата за набљудување на ѕвездите, но СОФИА има предност бидејќи не ѝ пречи водената пареа, што емитува инфрацрвено зрачење. Опсерваторијата лета по приближно десет часа во текот на ноќта. Телескопот е способен да прави фотографии со инфрацрвена светлина, која не е видлива за човековото око, а со тоа нуди подетален поглед на вселената.

СОФИА се враќа на Земјата по секој 10-часовен лет и затоа постојано може да се менува, односно може да се додаваат дополнителни алатки и телескопи.


Фото: SOFIA

Местата на кои некогаш седеле патници сега се заменети со технологија вредна милиони долари. Авионот претходно се користел за долги летови и бил во сопственост на поранешната авионска агенција „Пан ам“, а потоа на „Јунајтед ерлајнс“, пред да биде купен од НАСА во 1997 г.

Тој бил направен во 1977 година, а првиот „научен лет“ го направил во 2010 г. На него има американско и германско знаме бидејќи го управуваат НАСА и Германски авиовселенски центар. Досега направил над 100 научни летови, а НАСА очекува да лета барем уште 10 години.

Автор: Томас Палини
Извор: businessinsider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука