Филмот кој гласно зборува за загадувањето на воздухот, виден низ лик на мало девојче и нејзината играчка мече ја доби наградата „Ратка Илиевска-Лале“, на „Мобил фестивал“, што синоќа беше затворен во Кинотеката на Македонија. Филмот во режија на младиот Мурат Жерка ја доби наградата стипендија за школување на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје.
-ЗОШТО? е прашањето што го поставува овој филм, а кој со својата социјална ангажираност успешно му нуди одговор на гледачот. Филмот одлично го поставува проблемот со загадувањето, денес особено актуелен, а и нуди успешен приказ на невиноста на децата и наближувањето на опасноста која се наѕира во мечето што носи гас-маска – стои во образложението на жирито што ги одбра наградите.
Награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти“ доби „Рекурзија“ во режија на Анастасија Стејси Точевска
-„Рекурзија“ е интензивно мистично-филозофско обмислување на себепостоењето на човекот. Во облик на прашање и одговор, младиот човек изгубен среде шумата го добива „знаењето“ за себе, за своето постоење. Авторката успешно ја изведува приказната во мистичен сетинг и на гледачот му го подарува „знаењето“ што го добиваат само избраните луѓе.
Најинвентивен филм е прогласен „Сонар“ на група уметници од Филмската академија Баден-Виртемберг во Лудвигсбург, Германија. Најоригинална приказна создала Блерина Гоце од Албанија, во филмот „Еден, два, монолози“. Наградата за најдобра идеја ја доби чешкиот „Bubbles don’t Lie“ („Меурчињата не лажат“) во режија на Штепан Етрих.
Претежно млада публика, дел од нив автори на филмовите, дел љубители на филмот, ја проследи церемонијата, а имаше можност да види и избор од филмови што пристигнаа на повикот за учество на фестивалот. Тричлено жири ги избра најдобрите автори во пет категории. За наградите одлучуваа: Ванчо Мираковски, монтажер, Дамјана Ивановска, филмолог од Кинотеката на Македонија, и Сребра Ѓорѓијевска, новинарка. Сите учесници добија благодарници.
Фестивалот годинава се одржа благодарение на поддршката од Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје, МЕПСО, Кинотеката на Македонија, Младинскиот културен центар.