Оскаровецот Гиљермо дел Торо собра импресивна актерска екипа и го адаптира филмот „Алејата на кошмарот“ базиран на книгата на авторот Вилијам Линдзи Грешам. Филмот е римејк на оригиналот од 1947 година, кој доби култен статус.
Покрај Бредли Купер во главната улога, се појавуваат и Кејт Бланшет, Вилем Дефо и Рон Перлман.
За сите оние што не го гледале оригиналниот филм од 1947 година, филмот започнува со сцена во која маж пали куќа со човечко тело во неа и заминува. По пат се среќава со циркус на кој му се приклучува и учи како да манипулира со луѓето со разни трикови.
Потоа оди во голем град каде што станува познат и стапува во контакт со психијатар кој е уште поопасен од него. Нема да ви откриеме повеќе за да не ви го уништиме уживањето во гледањето на филмот.
Филмот трае два и пол часа, станува збор за психолошки трилер и иако дејството е побавно, цело време ќе ве држи напнати. Особено на крајот кога е кулминацијата на дејството.
Бредли Купер одигра уште една маестрална улога, а интересно е што неговиот лик првично требаше да го глуми оскаровецот Леонардо ди Каприо, кој беше заинтересиран за соработка, но на крајот мораше да се откаже поради густиот распоред.
Најголем впечаток остава оскаровката Кејт Бланшет, која е извонредна како опасен психијатар, би рекле дека го „носи“ филмот подобро и од Купер. Се прашуваме каков би бил филмот доколку глумеше Ди Каприо бидејќи дуото беше одлично во филмот „Авијатичарот“, а Кејт доби и „Оскар“ за улогата во тој филм.
Филмот можеби не е најдоброто од Торо, но дефинитивно вреди да се гледа.
Фото: Screenshot/YouTube