X
 02.12.2016 Економија

Младите ја избраа банката на која најмногу ѝ веруваат

Младите најмногу ѝ веруваат на НЛБ Банка. Добрата мрежа на банкомати и експозитури, како и развиеното електронско банкарство се главниот адут на оваа банка, зад која на второ и трето место според довербата се Комерцијална банка и Стопанска банка АД Скопје, покажа анкетата на Факултети.мк

Повеќе од една третина од младите луѓе во земјава најмногу ѝ веруваат на НЛБ Банка за која сметаат дека нуди најдобри услуги и услови за своите клиенти. Зад неа, на второ и трето место се Комерцијална банка и Стопанска банка АД Скопје. Добрата мрежа на банкомати и експозитури, како и развиеното електронско банкарство се главниот адут на НЛБ Банка со кои ја придобива довербата на младите. Ова го покажа анкетата што ја спроведе Факултети.мк со цел да откриеме во која банка нашите читатели имаат најголема доверба и зошто.

Во анкетата учествуваа 1.027 испитаници. Од сите нив, 30,8 отсто одговорија дека во моментов се клиенти на НЛБ Банка, 22,1 отсто се на Комерцијална банка, а 17,4 отсто на Стопанска банка АД Скопје. Значително помал процент одговорија дека матична банка им е некоја друга.

Од сите испитаници, повеќе од една третина, односно 35,5 отсто сметаат дека НЛБ Банка генерално нуди најдобри услови и услуги. Зад неа е Комерцијална банка за која гласот го дадоа 20,6 отсто од учесниците во анкетата, додека за Стопанска банка АД Скопје гласаа 18,3 отсто. На четврто место според квалитетот на услугите и понудените услови се најдоа Халк банка и Шпаркасе банка.

Речиси половина од учесниците во анкетата или 45,8 отсто ја избрале сегашната матична банка поради развиената мрежа на банкомати и експозитури. Исто толку значаен дел за таа одлука е и развиеното електронско банкарство, односно тоа им е примарно на 45,2 отсто од анкетираните. Поволните каматни стапки на кредитите биле приоритет за 23,1 отсто да ја изберат конкретната банка, додека за 17,9 отсто тоа биле поволните услови за издавање кредитни картички. За нешто помал процент главен фактор при изборот биле поволните услови за издавање кредитни картички, поволните каматни стапки за штедни влогови, како и висината на дозволениот минус.

Од производите кои што банките ги нудат, младите луѓе во земјава најчесто ги користат различните начини на плаќање. Огромно мнозинство најчесто користи плаќањето со дебитна картичка, односно за овој производ се изјаснија 73,7 отсто. Многу помал процент или 27,9 отсто најчесто плаќаат со кредитна картичка, додека 25,9 отсто најчесто го користат плаќањето преку интернет со токен.

Нељубезни и бавни вработени и скриените трошоци на банките за кои не ги известуваат навреме клиентите се двете работи кои најмногу ги нервираат учесниците во анкетата. Заради нељубезни вработени повеќе од половина клиенти, односно 50,5 отсто се подготвени да ја сменат банката, додека поради скриените трошоци тоа ќе го направат 46,7 отсто од анкетираните. На третото и четвртото место на причини за промена на банката се лошата мрежа на банкомати и експозитури и високите камати на кредитите.

Нашата анкета покажа дека половина од младите имаат штеден влог во некоја банка. На ова прашање позитивно се изјаснија 49 отсто од анкетираните, од кои 73,8 отсто преферираат парите да ги чуваат на штедна книшка во банка, додека 26,2 отсто сакаат да ги вложат во некој инвестициски фонд.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија