Во текот на глобалната финансиска криза во местото Форни ди Сопра, Италија, кое брои околу илјада луѓе, менаџерот на локалната банка имал невообичаено меко срце. Така, Џилберто Баскјера на жителите кои во 2009 година оделе да му побараат кредит, а не ги задоволувале условите, им „додавал“ пари на сметките за да бидат кредитоспособни.
Парите ги земал од сметките на богатите клиенти и им ги префрлал на оние што не можеле да се квалификуваат за добивање кредит. Така, за седум години отуѓил околу милион евра, иако за себе не задржал ниту цент.
Тој верувал дека луѓето на кои им помага ќе бидат во состојба да ги вратат парите, но некои од нив не го направиле тоа, па работодавецот на Баскјера на крајот ја открил дупката во билансот. Кога приказната испливала на површина, тој дури и ги повикал сите богати клиенти од чии сметки зел пари и им ги објаснил своите потези.
Осуден е на две години затвор. Со оглед на тоа дека се работи за негов прв престап, а лично ни малку немал корист и досудената казна е релативно кратка, според италијанскиот закон, тој сепак нема да заврши зад решетки.
Современиот Робин Худ, како што веќе го нарекуваат во некои италијански медиуми, истакнал дека секогаш мислел дека банките, освен да ги заштитуваат штедачите, имаат задача и да им помогнат на оние што имаат потреба.
На крајот останал без работа и без дом.
Форни ди Сопра
Фото: Jutarnji
Италијанските медиуми ја пренесуваат изјавата на Баскјера дека банкарскиот систем ги напушта пензионерите со минимална пензија и младите луѓе без ресурси.
- Економската криза го смени тој критериум. Веќе не се одлучуваше врз основа на општа процена на клиентот, туку на ниво на сигурност утврдена на биро, преку компјутер. Но, цената што ја платив е превисока. Не мислам дека би го направил тоа
повторно - вели тој.