Станува збор за глобалната иницијатива „Еден час кодирање“, а активноста се реализира во рамките на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“. Целта е да повеќе девојчиња да бидат поттикнати да станат програмерки
Вкупно 35 среношколки(ци) денеска ќе работат еден час на програмирање на видеоиграта „Војна на ѕвездите“. Станува збор за глобалната иницијатива „Еден час кодирање“ која денеска во 13 часот ќе се одржи на Факултетот за Електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Местото на настанот е: лаборатории 322А и 322Б.
Иницијативата The hour of code е глобално движење наменето за милиони студенти во повеќе од 180 земји од светот. Годинава на оваа иницијатива се посветени143.239 настани во цел свет.
Во Македонија „Еден лас кодирање“ го организираат Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), ФЕИТ и Град Скопје. Активноста се реализира во рамките на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“. Целта е да повеќе девојчиња да бидат поттикнати да станат програмерки, а новата технологија која ќе ја креираат да биде според потребите на девојчињата и момчињата.
- Зошто? Секој ученик во 21. век треба да има можност да научи како се создава технологија. Компјутерската наука ја менува секоја индустрија на планетата. Девојките треба особено да бидат охрабрени да се испробаат во областа на компјутерски науки со цел да се надминат стеротипите дека техничките професии треба да бидат поле кое е доминирано од машкиот пол - велат организиторите.
Во рамките на проектот ЦИКП направи анализа за тема „Средношколците и природните науки: анализа на ставовите и перцепциите од родов аспект“. Повод за анализиата била родовата сегрегација на професиите. Анализиата покажала дека родовата нееднаквост на пазарот на трудот честопати се поврзува со различните професии кои жените и мажите ги избираат и извршуваат.
- Додека жените се насочуваат повеќе кон професиите поврзани со грижа и услуги, мажите се позастапени во техничките професии. Имајќи предвид дека вреднувањето на двете групи професии е различно, тоа придонесува кон нееднаквост на платите помеѓу мажите и жените и ја засилува генералната нееднаквост на жените во општеството - велат од Центарот.
Според нив, квалитетното образование во природните и техничките науки е важно за поддршка на женската улога како корисник и иноватор на технологиите, а воедно и како истражувач, научник и технолог. Ниската застапеност е проблематична не само од аспект на нивните права, туку и од економска гледна точка. Во ера кога економскиот раст често се поврзува со капацитетот на државата за иновации, придонесот на жените е особено важен. Жените придонесуваат кон разноликоста на истражувањата и тимовите за развој, носат нови ставови кои ја поттикнуваат креативноста и продуцираат квалитетни резултати.
- Истражувањата потврдуваат дека значаен фактор за родовата сегрегација на занимањата се стереотипите за „машки“ и „женски“ професии и „машки“ и „женски“ способности, кои се развиваат уште од најраната возраст преку родовата социјализација. Тие честопати влијаат на перцепцијата на девојчињата за себе и креирањето на неповолна слика за своите способности по математика и природни науки. Поради тоа, како еден од начините за надминување на родовиот јаз во техничките професии, се препорачува „разбивање“ на традиционалните стереотипи и развивање на позитивна слика за своите способности во периодот на школувањето - велат од Центарот.