X
 20.06.2023 Образование

ФЕИТ ги промовираше новите инженери и магистри: 53% се девојки

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја промовираше новата генерација дипломирани инженери по електротехника и информациски технологии и новите магистри. Свечено во големата сала на Филхармонијата дипломите им беа врачени на 146 нови инженери и 44 магистри кои студиите ги завршија на ФЕИТ. Во оваа нова генерација дипломци, дури 77 или 53% се девојки, просек што е за околу 4 пати повисок од европскиот просек техничките факултети.

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии проф. д-р Димитар Ташковски ги повика новодипломираните инженери и магистри да бидат храбри да го употребат знаењето, технологиите и вештините кои ги стекнаа на ФЕИТ.

-Само преку заеднички напори и стратегии, нашата држава може да направи значителен напредок во областа на истражувањето, развојот и иновациите со што нашата економија може да стане конкурентна на меѓународниот пазар. Вие сте тие кои ќе овозможат да дојдеме до тие промени. Знаењето, технологиите и вештините кои ги стекнавте на ФЕИТ се ваша голема компаративна предност. Научени сте да прашувате, да истражувате и критички да размислувате што е многу битно во ерата на вештачката интелигенција и 4-тата индустриска револуција. Способноста за иновации и изразување на креативноста станува сẻ повредна во денешниот свет, и тоа дипломирани студенти и магистри на ФЕИТ е Вашата шанса за успех, Затоа немам дилема дека иднината ви припаѓа Вам- - порача во своето обраќање деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски.



Задржувајќи се на потребата во државава да се задржат талентите кои се основниот ресурс на најсилните држави, а кои силата ја црпат од високотехнолошкиот сектор, деканот на ФЕИТ проф. д-р Ташковски потсети дека „е потребна координирана акција и соработка помеѓу владините институции, академската заедница, приватниот сектор и младите таленти“ за да се зголеми бројот на инженери кои во нашата држава ќе имаат можност да го искористат своето знаење и креативен потенцијал преку истражувања и иновации.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, ги охрабри новите инженери и магистри да го продолжат својот развоен пат на магистерски и докторски студии на првиот македонски државен универзитет, кој годинава одбележува 74 години од своето основање.

-Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е формиран со Закон за Универзитетот на Собранието на Народна Република Македонија во 1949 година со три факултети. Денес тој претставува интегрирана заедница од 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Нашиот универзитет е единствен универзитет во Република Македонија на кој се застапени сите традиционални и современи универзитетски области и научни подрачја. ФЕИТ од основањето до денес претставува лидер во областа на електротехниката и информациските технологии во Македонија со што перманентно и успешно ја исполнува својата мисија за континуирано образование на стручни професионалци, односно претприемливи индивидуи во електротехниката и новите технологии, кои ќе работат успешно и ќе промовираат нова работа и нови можности, како што гласи мотото на ФЕИТ, и кои ќе придонесуваат во развојот на општеството и подобрување на квалитетот на живот - порача ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски.



Промовирањето на новите инженери и магистри, министерот за образование и наука Јетон Шаќири го искористи да ги покани и матурантите да го следат примерот на дипломците на ФЕИТ.

-Со самиот Ваш избор да го продолжите образованието на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во вашите животи. Вие сте сега личности кои се стекнале со вештини и компетенции, подготвени стручно и професионално да се справуваат со предизвиците на новото време. Кадар сте, кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот. Сигурен сум дека ќе имате можности за добра заработка и за професионален и кариерен развој. Верувам дека голем број матуранти ќе го следат Вашиот пример и ова е добра можност во пресрет на уписите во високото образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина континуирано ќе ги подигнува стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно - истражувачка дејност -  рече министерот за образование и наука проф. д-р Јетон Шаќири.

Просечното времетраење на студирањето на новите инженери изнесува 5 години, 2 месеци и 21 ден, а најкусиот временски период во кој се завршени додипломските студии од оваа генерација е 3 години и 9 месеци. Просечната оцена на студирање што ја постигнале студентите што ги промовираме вечерва е 7,93.

На свеченоста беа доделени плакати и награди на најдобрите дипломци. Со просечна оценка над 9 завршија 16 инженери, а кои студиите ги започнале во 2018/19 година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование