X
 16.01.2019 Економија

Се создава најголемиот производител на злато - ќе вади 250 тони годишно

Рударската компанија „Њумонт мајнинг“ ја купува компанијата „Голдкорп“ за 10 милијарди долари, со што ќе стане најголем светски произведувач на злато.

Спојувањето на компаниите ќе биде завршено до крајот на оваа година, а станува збор за најголемата аквизиција во историјата на овој сектор. Компанијата ќе произведува околу 250 тони злато годишно, прогнозираат западните медиуми.

Според експертите, одлуката за олку скапото купување е резултат на минатогодишната аквизиција на „Рандголд“, која ја изврши конкурентската компанија „Барик“.

- „Њумонт“ и „Голдкорп“ очигледно не сакале само мирно да седат и да дозволат „Барик“ да стане ѕвезда во секторот - објаснува аналитичарот Кирон Хоџсон.

Двете аквизиции се последица на лошата ситуација што во изминатите години владее во индустријата за производство на злато. Секторот веќе некое време е предмет на многу критики од инвеститорите поради лошото управување со капиталот, а пред само две недели Марк Бристоу, извршен директор на „Барик“, изрази страв поради можноста индустријата за производство на злато да биде прогласена за безначајна. Но, според западните медиуми, двете големи аквизиции ќе го вратат интересот на вложувачите во секторот, за што сведочи и растот на цената на акциите на „Голдкорп“ за дури 13 отсто по објавата на веста за спојувањето на компаниите.

Освен падот на капиталот, рударите се принудени да пронајдат и начини за намалување на трошоците поради сè помалите резерви на злато, а сè поскапото вадење на скапоцената руда. Од „Њумонт“ истакнуваат дека со спојувањето на двете компании ќе се заштедат 100 милиони долари, а новата компанија има план да продаде руда во вредност од 1,5 милијарда долари во следните две години за да го префрли фокусот на рудите од кои најмногу заработува.

Ист потег најавија и од „Барик-Рандголд“ што, според експертите, ќе има сериозни последици врз рударството.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија