Мислењето на човештвото за златото е бизарно. Хемиски, тоа не е интересно, едвај реагира со некои елементи. Сепак, од сите 118 елементи во Периодниот систем, златото е она што сме одбрале да го користиме како валута. Професорот по хемија на универзитетот во Лондон, Андреа Села, објаснува зошто му даваме толкава вредност на златото.
Некои елементи се лесни за елиминирање. Тука се гасовите и халогените. Тие никогаш не би биле валута бидејќи не се практични. Тие се елементи од десната страна на Периодниот систем. Таму се наоѓаат и две течни елементи - жива и бром. Тие се отровни. На истата основа може да се елиминираат и арсенот и повеќе други.
На левата страна од Периодниот систем се наоѓаат алкалните метали, кои се реактивни. Сигурно не би сакале пари кои ќе експлодираат во раката. Потоа, тука се и радиоактивните елементи, кои не можат да бидат користени како валута.
Следува групата елементи што се ретки да се пронајдат, но хемиски се тешки за разликување едни од други. Оставени сме со средината на Периодниот систем.
Групата од 49 елементи вклучува познати имиња: железо, алуминиум, бакар, олово, сребро.
Истражете ги убаво и ќе пронајдете недостатоци.
Има елементи што траат долго, како титаниумот и циркониумот. Проблемот со овие елементи е нивната висока точка на топење. Потребни се посебни алатки и услови за топење на овие елементи, кои не им биле достапни на древните луѓе.
Алуминиумот е тежок за вадење и не е лесен за ковање. Повеќето од другите елементи во групата не се стабилни - тие 'рѓосуваат на вода или оксидираат во воздухот. Таков елемент е железото. Освен тоа, железото е многу чест елемент на Земјата и ја губи вредноста. Оловото и бакарот се елиминираат на истата основа.
Што ни останува?
Од 118 елементи ни останаа осум финалисти: платина, паладиум, родиум, иридиум, осмиум и рутениум, заедно со познатите, среброто и златото. Овие се благородните метали кои ретко реагираат со други елементи. Тие се и ретки.
Доколку проблемот кај железото беше неговото големо количество, спротивното се случува со овие елементи, освен со среброто и златото. Тие се толку ретки што би можеле да се исковаат само неколку монети. Освен тоа, тие се тешки за вадење и точките на топење се многу високи.
Ова ни остава само два елементи - сребро и злато. Двата се ретки, но не во толкави екстреми како останатите. Тие имаат релативно ниски точки на топење и се лесни за ковање. Среброто го губи сјајот бидејќи реагира со сулфурот во воздухот. Токму затоа, златото има поголема вредност.