X
 16.02.2020 Наука

Научниците како гласници на вистината

УНЕСКО и седум водечки научни организации објавија Декларација во рамките на Светскиот научен форум 2019

Во минатото науката била привилегија на елитите. Денеска знаењето е достапно за сите. Па, сепак, расте јазот меѓу учените и приучените. Се затапува граѓанскиот слух за вистината и фактите. Сомнителните и непроверени известувања низ модерните медиуми и социјалните платформи се шундот и шумот што го заглушуваат слухот и надгласуваат гласот на разумот. Навистина приливот од нови вести е постојан и проточен, а напливите од лажни вести се како надоаѓачки бран кој е брз и бучен.

Оттаму потребата за критичко мислење. Овозможено од наука која ќе општи со општеството. Наука која ќе се доближи до неуките. Ќе ја подигнува свеста и ќе ја развива совеста на граѓаните. Наука што ќе држи чекор со четвртата индустриска револуција и ќе ја ползува дигиталната технологија со цел да објави вест, но и да пренесе поука. Постапно и кружно: почнувајќи од академските, но целејќи пошироко, до круговите на граѓаните.
Во потесниот круг, различните научни гранки ќе продолжат да ги зајакнуваат меѓусебните врски. Зашто интердисциплинарноста води кон нови откритија. Во проширениот круг, науката ќе продолжи да приопштува и со другите сфери од дејноста (технологијата и уметноста). Зашто интертекстуалноста со новите толкувања на стекнатите знаења води кон продлабочени спознанија. Конечно, во најширокиот и најсеопфатен круг, науката ќе општи со сите. Зашто интерактивноста меѓу интелектуалците и поединците е клучна за јакнење на граѓанско движење и културата на критичкото мислење.

Оваа потреба беше препознаена и на неодамнешниот Светски научен форум (биенален настан кој се одржува под покровителство на УНЕСКО и седум водечки организации во науката и светот), а поддржана и од младите научници кои имаа привилегија да бидат поканети на форумот, меѓу кои и јас како македонски претставник и научна соработничка од МАНУ. Поточно, целта е нагласена во два клучни документи: Прогласот на младите научни учесници на Светскиот научен форум (каде што имав улога на главен автор и координатор), но и завршната Декларација од форумот. Вториот документ е приреден од организациите-домаќини и е посветен на претстојните приоритети во науката и етиката. Одговорноста на научниците (како клучен фактор за науката и етиката) е нагласена како четврти и најважен приоритет:

„Ја препознаваме моќната улога на медиумите при комуникација на научните информации и повикуваме на внимателно проверување и аналитички пристап при известување. Поради конфликтните и заведувачки вести и известувања, како и прибегнувањето кон лажни аналогии и изедначувања, повикуваме на преиспитување на врската меѓу науката и медиумите“.

„Ги охрабруваме научниците да ја создаваат, применуваат и пренесуваат научната мисла со цел да ја подигнат свеста за научните придобивки и етичките проблеми“.

Согласно оваа цел, научниците треба да имаат чиста научна мисла, но и јасен став и јавен настап. Да бидат гласници и гласноговорници на вистината. Проучувачи, но и посочувачи кон новото и вредното, кон точното, правичното и етичното. Да функционираат како блиски соработници на медиумските работници („science communicators“ и „science mediators“). Но, и како независни известувачи (преку јавни настапи или свои платформи на социјалните мрежи). Само така научниците ќе прераснат во „спасувачи и освестувачи“ на обичните граѓани, кои фатени во вителот од нови информациски струења „страдаат од грч“ во моменталното просудување, но и долгорочен пад на способноста за внимание и помнење. Севкупниот резултат, пак, се отчитува на ниво на цел народ и потсетува на проблем со краткорочното помнење, колективна амнезија и своевидна невролошка катастрофа од масивни размери. Во овие превирања критичкото мислење кое е научно издржано и поддржано личи на спротиводно пливање (поради бавноста на научните факти во објавата наспроти другите вести), но е сепак неопходно за национално унапредување (поради неговата провереност и стабилност).

Пишува: Билјана Ѓонеска, научна соработничка во МАНУ
Фото: Иван Блажев

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука