Откриени се докази за најстарата шума во светот, која датира од пред 385 милиони години, во напуштен каменолом во американската држава Њујорк. Фосилизираните корени, траги од антички предели, му припаѓале на дрво со стебло и лисја, слично на она што го гледаме денес, се вели во студија објавена во „Кјурент биолоџи“.
Локалитетот бил откриен во Кеиро, на околу 60 километри од Олбени. Досега научниците сметале дека најстарата фосилизирана шума се наоѓа во Гилбоа, исто така во Њујорк, но оваа во Кеиро е два или три милиони години постара и драматично се разликува.
Едно лице од Државниот музеј во Њујорк било првото што ја забележало големата структура во форма на корен на дното на каменоломот. Кристофер Бери, коавтор на истражувањето и палеоботаничар на Универзитетот „Кардиф“ во Велика Британија, бил скептичен кога првпат ја посетил локацијата. Сметал дека тоа би можело да биде модерно дрво што растело во карпа, а подоцна било отстрането. По проверка на примероците од почвата, истражувачите потврдиле дека станува збор за нешто многу постаро.
- Опсегот на коренскиот систем бил навистина неверојатен - изјави Вилијам Штајн, водечки автор и професор по биолошки науки на Универзитетот „Бингамтон“, кој се наоѓа западно од Кеиро.
Фото: СNN
Научниците внимателно го отстраниле слојот од почвата, мапирајќи го неверојатното откритие. Се претпоставува дека катастрофална поплава ги уништила повеќето дрвја во шумата и го сочувала коренскиот систем како фосил. Во близина на најголемите стебла биле пронајдени дури и фосили од риби.
Ова откритие дава увид во големиот период на транзиција на нашата планета од свет без шуми во свет прекриен со шуми.
Имајте предвид дека шумата во Кеиро е околу 140 милиони години постара од првите диносауруси што живееле на Земјата, најстариот познат инсект живеел пред околу 400 милиони години, а неколку милион години подоцна на Земјата почнале да живеат првите четириножни животни.
Научниците успеале да идентификуваат три вида дрвја, од кои два се уникатни за оваа локација.
- Со појавата на шумите можеме да видиме голема промена во екологијата каква што постои денес на копно и море.
Тоа е спротивно од она што го доживуваме денес, вклучувајќи и можност за изумирање. Значи, во таа смисла, историјата е важна. Ако го разгледаме потеклото на шумите и нивните ефекти, а особено самите
растенија и она што тие го прават, можеби ќе добиеме увид во процесите што денес се случуваат - изјави Штајн.