X
 16.02.2024 Наука

13-годишно момче излекувано од смртоносен рак на мозокот

Кога на Лукас му била дијагностицирана ретка форма на тумор на мозокот, на 6-годишна возраст, немало сомнеж за прогнозата.

Францускиот лекар Жак Грил до денес е емотивен за тоа колку му е тешко кога ќе се сети дека морал да им каже на родителите на Лукас дека нивниот син ќе умре.

Но, седум години подоцна, Лукас има 13 години, а од туморот нема ни трага.

Момчето од Белгија е првото дете во светот што е излекувано од глиома на мозочното стебло, еден од најбрзорастечките тумори кој обично го убива пациентот по девет месеци од дијагнозата. Секоја година овој рак им се дијагностицира на околу 300 деца во САД и околу стотина во Франција. Прогнозата е прилично лоша: повеќето не живеат повеќе од една година. Едно неодамнешно истражување покажа дека само 10 отсто од децата живеат две години.

Експериментален третман


Радиотерапијата понекогаш може да го забави ширењето на агресивниот тумор, но ниту еден лек не е докажан како ефикасен против него.

Лукас и неговото семејство отишле во Франција за да се приклучат на експерименталниот третман за тестирање потенцијални лекови за овој вид  рак. Од самиот почеток Лукас силно реагирал на лекот „аинитор“, кој му бил доделен по случаен избор.

- За време на низа магнетни резонанси, гледав како туморот целосно исчезнува - вели д-р Грил. Тој го продолжил режимот на лекување

Зошто Лукас целосно закрепнал и како неговиот случај може да им помогне на другите деца, останува да се види. Седумте преостанати деца во експериментот живееле години по дијагнозата, но само туморот на Лукас целосно исчезнал.

Причината зошто овие деца реагирале на лековите, а други не реагирале, веројатно не е поврзана со биолошката особеност на нивните индивидуални тумори, вели д-р Грил.

- Туморот на Лукас имаше исклучително ретка мутација која, веруваме, ги направи неговите клетки почувствителни на лекот – додаде тој.

Научниците сега ќе се обидат ин витро да ги репродуцираат разликите идентификувани во неговите клетки за да го откријат точниот метод со кој биле убиени клетките на ракот. Сепак, тие велат дека се далеку од  каков било можен третман од поширок спектар.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука